„Фејс-лифтинг“ судска реформа


Костадин Богданов

Општоприфатено размислување во високоразвиените демократски земји е дека независноста на судството и правораздавањето се основниот општетствен фундамент на кој се потпира нивниот развој. Услов без кој не се може. Или, подобро кажано, во светот не постои сиромашна земја која истовремено се одликува со целосно развиена независна, непристрасна и стручна судска власт. Но има и зошто. Токму таа власт понекогаш претставува последниот браник на демократијата, како и постојан заштитник на владеењето на правото и на почитувањето на човековите права и слободи како столбови на едно цивилизирано општество. Без демократија, владеење на правото и заштита на човековите права, нема слобода. Без слобода, нема просперитет. Без просперитет, нема живот. А животот никако да дојде кај нас…
„Животот“ започна со ветувањето за генерален реизбор на сите делители на правдата, како една идеа за врвна реформа во областа. Потоа, продолжи со формирање неколку совети и комисии со надлежности што ниту самите членови не ги разбраа до крај. Затоа, дел од нив, чесно си заминаа, со право. Трите (можеби четирите) состаноци на Советот за спроведување реформи во правосудството резултираа со усвојување на некаква повеќегодишна „фејс-лифтинг“ стратегија за реформа на судството, која во дел е израз на личните фрустрации на некои од неговите членови. Денес сме сведоци на формирање на уште еден совет чија задача ќе биде да ја надгледува имплементацијата на плодовите на претходниот совет. Веројатно за кратко време ќе уследи и нов совет кој ќе има за задача да надгледува што сработел сегашниот совет по заклучоците на претходниот совет кој веќе не постои. И, сѐ така во лавиринт.
Но, наместо козметика, сериозна влада треба да се фокусира на сериозни судски реформи. Тоа е во моментов најголемиот приоритет на внатрешен план за државата. Сериозна влада прво што треба да направи е да ги ослободи судиите од нивната де јуре зависност, и по хоризонтала и по вертикала, како од извршната власт така и од самата судска власт. Тоа ја подразбира и финансиската независност на судството во рамките на законски проектираната стапка на буџет, која, за жал, никогаш не се исполни. Начинот на избор, напредување, одговорност и разрешување на судиите мора час поскоро да се хармонизира со европската пракса. Мислењето на Венециската комисија во тој дел може да биде од огромна вредност. Постапките за одговорност на судиите мора да бидат прецизни. Основите за одговорност на судиите мора да бидат јасни и предвидливи. Заради нивната независност. Заради квалитетот на правораздавањето. Но, наспроти тоа, Владата со предложените измени на Законот за судови прави дополнителна конфузија во постапките за одговорност на судиите. Еден елемент од „крупната“ реформа од новата стратегија, на пример, ќе биде и можноста судијата да биде разрешен поради неносење тога?! Навистина е неразбирлива и контрадикторна стратегијата за поголема независност на судството, која полесните престапи од сегашниот закон казниви со дисциплинска мерка, во новопредложениот закон ги предвидува како основи за разрешување на судиите како најтешка мерка. Суштинска реформа во обратен правец.
На судскиот систем му се потребни крупни чекори во вистински правец. На системот му е потребен современ начин на правно образложување на одлуките во судските пресуди. На системот му е потребен нов начин на одлучување од страна на судиите и судиите поротници. Нов начин на пишување и структурирање на пресудите на линија на праксата на меѓународните судови. Напуштање на заостанатите реликти од едно минато време, како што е одлучувањето во името на граѓаните. Судиите одлучуваат во свое име, и затоа ја носат самите одговорноста.
Понатаму, неопходни се измени во поставеноста на судовите низ државата. Треба сериозно да се согледа потребата од постоење четири апелациски суда на толку мало подрачје, кои, за волја на вистината, не само што имаат огромна дискрепанца во обемот на работа и тежината на предметите (а еднакво се платени), туку понекогаш имаат и огромна дискрепанца во толкувањето на правото на исти фактички околности. Дали можеби решението е во еден апелациски суд на територијата на Македонија со четири одделенија? Зошто законски да не биде дозволено стопански спор помеѓу штипска и кочанска фирма да заврши второстепено пред одделението во Битола. Или спор помеѓу две скопски фирми пред одделението во Штип. На тој начин, не само што ќе се изедначува праксата, ќе се изедначи и обемот на работа кај судиите, а секако и дека ќе биде во правец на намалување на корупцијата.
Реалната надлежност на Врховниот суд ќе мора да се редефинира. Во моментов Врховниот суд, како највисок суд и суд кој треба да ја создава судската пракса, е затрупан со предмети од релативно мала вредност (заради нискиот вредносен праг во Законот за парнична постапка), но и заради некои „чудни“ законски решенија кои без оглед на вредноста на спорот, гарантираат пристап до највисокиот суд. Па, така, секојдневно се случува за спорови во вредност од неколку илјади евра, па и неколку стотини евра, државата да мора да покрене цела машина од 13 судии и судии поротници во три инстанции за конечно да го реши спорот. Која е економската исплатливост на така поставениот систем, е исто така значајно прашање.
Конечно, одново се пропушта можноста во Законот за судовите јасно да се дефинира директната примена на меѓународните договори и обврските кои произлегуваат од нив во секојдневните спорови. Пред сѐ тука се мисли на директната примена на Европската конвенција за човекови права, како и праксата на Судот во Стразбур.
Очигледно за вистинскиот „живот“ во судството, ќе треба да попричекаме. Сѐ повеќе се чини дека судството ќе биде оставено и понатаму на „животарење“. Финансиско, кадровско, стручно… Ќе биде оставено зависно де јуре и де факто од извршната власт. За жал, ниту големиот број негативни извештаи од релевантните владини и невладини организации кои ја критикуваа таквата состојба, не беа доволна причина за проекција и почеток на вистински реформи во судската област. Реформи што ќе го модернизираат судството и ќе го унапредат правораздавањето, реформи кои ќе ја загарантираат правдата, но истовремено реформи кои ќе ја загарантираат независноста и непристрасноста на судиите. Бидејќи „претседателите и Владите се менуваат, но Врховниот суд останува засекогаш“ (Вилијам Ховард Тафт).

(Авторот е адвокат и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ)