„Фатиме скока“ – се скараа Фетаи и адвокатот Петар Василев на судењето за „Титаник 2“


Адвокатите на обвинетите во предметот „Титаник 2“ на високи тонови се објаснуваа со обвинителите на СЈО, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, за испитувањето на сведокот.
Обвинителите и судијата цело време го предупредуваа адвокатот Боро Тасевски дека му поставува директни наместо вкрстени прашања на сведокот Борис Кондарко. „Петпати Ве опоменав што е вкрстено испрашување“, рече судијата Огнен Ставрев.
Обвинителката Фатиме Фетаи цело време вложуваше приговори на прашањата и реагира дека адвокатот не му поставува вкрстени прашања на сведокот предложен од СЈО, туку директни. На тоа се надоврза адвокатот на Сашо Мијалков, Љупчо Шврговски, кој рече дека прашањата на неговиот колега не се директни, туку вкрстени и дека тоа право го има одбраната. На тоа Фетаи праша: „Во кое својство Шврговски ми држи предавање за вкрстено испрашување?“.
Адвокатот Петар Василев на Фетаи ѝ рече да престане да зборува кога таа говореше дека има право да вложува приговори. На тоа судијата му рече да продолжи, а Василев рече: „Па, еве, Фатиме скока“. Специјалната обвинителка реагира и рече адвокатот да не ѝ се обраќа со контаминиран речник и дека во судницата нема скокање.