Фатен и обвинет „хрватскиот Ескобар“


Судот во Риека поднесе обвинение против Степан Прњат, таканаречениот „хрватски Ескобар“ и уште осум луѓе.
Тие се товарат за злосторничко здружување и неовластено производство и промет со дроги. Во акцијата уапсени се шест хрватски, двајца холандски и еден шпански државјанин.
Тие од јануари 2017 година до март 2018 година на подрачјето на Хрватска, Словенија и други земји од ЕУ основале здружение за купување и криумчарење огромни количини кокаин од земјите на Јужна Америка, пренесе Index.hr.
Кокаинот го продавале во земјите на ЕУ по цена од најмалку 23.000 евра за килограм.
Прњат во Панама купил 100 килограми кокаин за 300.000 евра што во Хрватска е донесен во контејнер, во кој имало 20 тони мешан отпад, се наведува во обвинението.
Но, пратката не стигнала на предвидената дестинација во Загреб затоа што полицијата во март лани во риечкото пристаниште заплени 100 кг кокаин скриен во отпад.
Прњат е уапсен во Љубљана и испорачан во Хрватска.