Факултетите од Русија на саем во Скопје


На 18 и 19 септември 2018 година, претставништвото на „Россотрудничество“ во Скопје и „Russia.Study“ (Агенција за соработка во образованието), со поддршка на Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, ќе организираат саем-презентација на водечките руски високообразовни институции : „Образованието во Русија: старт на вашата успешна иднина“.

Посетителите на настанот ќе можат да се информираат за програмите за повишување на степенот на квалификација во руските високообразовни институции, завршување на второ високо образование и условите за запишување и обука на магистерски студии. Исто така, може да добијат информации и за тоа како е организиран системот на образование во Русија, кои се предностите кои ги добиваат странските студенти и како да се аплицира во програмата за стипендии на руската влада, за бесплатно образование во Русија.

На саемот ќе учествуваат претставници на водечките руски институти и универзитети, од повеќе наставно-научни области и специјалности: хуманистички, технички, физичко-математички, природно-научни. Програмите и условите за студирање ќе ги презентираат проректорите на образовните институции и раководителите на организационите единици одговорни за меѓународна соработка и обука на странски студенти.

„Саемот-презентација на кој се очекува присуството на повеќе од сто посетители, ќе се одржи во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Во склоп на настанот, за присутните ученици и студенти ќе биде организирана и интересна наградна игра “, информираат од руската амбасада во Скопје.

За учество во манифестацијата неопходна е претходна регистрација на линкот: https://clck.ru/EFW2p

Влезот е слободен.