УЈП ќе добива податоци за 100.000 трансакции месечно


Управата за јавни приходи тврди дека е подготвена за реформата во делот на утврдувањето и плаќањето на персоналниот данок на доход. Со измена на Законот за банки, за што е во тек  јавна расправа, како и на Законот за Управа за јавни приходи, ќе се овозможи автоматизирање на размената на податоци помеѓу даночната администрација и банките за УЈП да може да ја издава годишната даночна пријава, што ќе стартува од 2019 година.

„Измените на регулативата треба да ја прецизираат рамката за електронската размена, која треба истовремено да осигури и безбедност и заштита на податоците на граѓаните, за што УЈП веќе една година се координира со сите релевантни страни – Министерство за финансии, Народна банка, Здружението на банки и Дирекција за заштита на лични податоци. Целата реформа се одвива во рамки на ИПА-проектот за поедноставување на процедурите за известување и плаќање на персонален данок на доход за даночни обврзници – физички лица, објаснуваат од даночната управа.

Преку автоматизирање на размената, УЈП ќе ги добива од банките податоците за приливите на граѓаните, резиденти на Македонија од странство.

„Според првичните информации добиени од банките, станува збор за околу 100.000 трансакции, (не лица), на месечно ниво, но дали ваквите трендови ќе се задржат и во наредните години зависи од тоа колку граѓаните ќе остваруваат приливи од странство“, велат од УЈП.

Затоа што основна надлежност на УЈП е наплата на даночни приходи, а данокот се плаќа на приход, даночниците велат оти шпекулации се тврдењата за некакви увиди во трошења на граѓаните и во нивните платежни картички и дека тоа не е предмет на интерес на УЈП. Зашто данокот не се плаќа на тоа што граѓаните го трошат, туку на приходите што ги остваруваат.

„Граѓаните што досега ги пријавувале во целост приходите во УЈП од земјата и странство и кои уредно и навреме го плаќале данок, немаат причина да стравуваат. Напротив, со воспоставување на автоматизираната размена на податоци и подобрување на ефикасноста на УЈП, граѓаните ќе добијат подобри услуги и поедноставни постапки за пријавување и плаќање на данок преку системот е-персонален данок. Имајќи предвид дека граѓаните досега ги доставуваа податоците за своите приходи во хартија со прилог докази кога поднесуваа годишна даночна пријава, а реално од 2019 година нема да доставуваат ништо до УЈП, односно Управата за јавни приходи ќе им ја издава пополнета пријавата со податоци за сите нивни приходи од земјата и странство, невозможно е оваа постапка да се изведе со размена на податоци со банките согласно постојната регулатива, односно преку писмени преписки со банките, што во пракса би значело 100.000 дописи за 100.000 трансакции секој месец помеѓу различни банки и УЈП, што е нееконмична и бирократска постапка“, тврди Управата за јавни приходи, додавајќи дека и досега за нив податоците на обврзниците во банките не биле тајна.

Анита Салтировска