УЈП: Нови рокови и начин на пријавување персонален данок на доход


Со Законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход, од 1 јануари 2018 година се воведе нов начин на пресметување и плаќање на персонален данок на доход, со поднесување на Електронска пресметка (е-ППД) до Управата за јавни приходи преку системот е-Персонален данок е-пдд.ујп.гов.мк.

Треба да поднесат електронска пресметка граѓаните за приходи од издавање на имот на друго физичко лице до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој е склучен договорот или по месецот на издавање. Во случај на склучен договор за цела година, се поднесува електронска пресметка (е-ППД) за цела година, односно за времетрањето на закупот.

Од УЈП посочуваат дека на пример, кога граѓанин издава стан на друго физичко лице за цела 2018 година се поднесува една пресметка е-ППД за период од 01.01.2018 до 31.12.2018 година.

Доколку времетраењето на закупот е пократко од 31 ден во еден месец, односно се издава преку веб страни боокинг, аирбнб и сл. се поднесува по една електронска пресметка (е-ППД) за секој поединечен остварен приход.

На пример кога граѓанин во текот на еден месец издава стан по неколку дена на повеќе закупци се поднесуваат пресметки е-ППД за секој остварен приход, односно за секој различен закупец за соодветниот период на престој во станот.

Се поднесува електронска пресметка и за капитални добивки од продажба на хартии од вредност, недвижен имот и учество во капиталот до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој е извршена продажбата или во кој е заверен договорот за купопродажба. До 10-ти во месецот треба да се поднесе електронска пресметка и за приходи од странство остварени во претходниот месец, лични примања од дипломатски, односно конзуларни претставништва на странски држави, кај претставници и службеници на такви претставништва кои имаат дипломатски имунитет и за кои даночниот обврзник сам го утврдува и уплатува данокот и други приходи остварени со е-трговија преку специјализирани интернет страни, приходи од интернет маркетинг услуги, приходи остварени со продажба на корисен цврст отпад, исплатите на име специјализации, постдипломски студии.

Опфатени се за пријавување и приходите од продажба на сопствени земјоделски производи на физички лица надвор од продажни места на зелени пазари.

Од УЈП повикуваат секој граѓанин да се регистрира на системот е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk заради пријавување на приходите и задолжително поднесување на Електронска пресметка (е-ППД) до Управата за јавни приходи.

Од УЈП напоменуваат дека странско физичко лице, односно нерезидент на Република Македонија, се регистрира како корисник на системот со ЕДБ доделен од УЈП.

Појаснуваат дека постапката за регистрација на е-Персонален данок е лесна и едноставна. Единствен услов за регистрација на системот е да имате валидна е-пошта, која ќе биде корисничко име за ваша најава на системот е-пдд.ујп.гов.мк и ќе ви служи за комуникација со Управата за јавни приходи. На најавната страна на системот е-Персонален данок има дел за регистрација на нов корисник на системот, во кој треба задолжително да ги внесете своите идентификациони податоци.

Врз основа на внесените податоци, автоматски се генерира Барањето за регистрација на системот е-Персонален данок, кое треба да се испечати и да се поднесе лично во надлежната даночна канцеларија на УЈП. Службено лице од УЈП ќе ја верифицира регистрацијата на системот е-Персонален данок истиот ден, по што треба да се најавите на системот.

Од УЈП посочуваат дека доколку е обврзникот регистриран во системот е-Даноци како овластено лице за потпишување за ПДД, автоматски е регистрирани и како корисник на системот е-Персонален данок е-пдд.ујп.гов.мк.

Ако вие или избраниот полномошник не сте евидентирани како даночен обврзник во Регистарот на даночни обврзници на УЈП, потребно е претходно да се регистрирате како даночен обврзник, со поднесување на Пријава за регистрација УЈП-РДО и доставување на документ за идентификација на увид во даночна канцеларија на УЈП.

По одобрување на Електронската пресметка (е-ППД) од УЈП, електронски се доделува Фолио број и се издава Рекапитулација за утврдување на аконтација на персоналниот данок на доход со статус „Одобрена“ и Налог за плаќање на персонален данок на доход, односно налози за плаќање на месечни аконтации на персонален данок на доход.

Налогот за плаќање на месечни аконтации на персонален данок на доход обврзникот е должен дао го плати најдоцна до 15-ти во месецот за претходниот месец.