Уште 90.000 евра за новата зграда на ЕЛЕМ


И новото раководство на „Електрани на Македонија“ продолжува да троши пари за доизградба на административната зграда, која е дел од проектот „Скопје 2014“. Од компанијата процениле дека треба да потрошат уште околу 90.000 евра за комплетирање на електричната инсталација во зградата, чија вредност достигна речиси 18 милиони евра. Новите трошоци биле неопходни за купување подни и ѕидни приклучоци, машински инсталации, електричен агрегат, разводни табли…

Ова практично значи дека од ЕЛЕМ го прават  последниот чекор пред вселување во новата зграда. Извесно е дека до летото администрацијата ќе добие нова, трајна адреса. А зградата, пак, уште лани пролетта беше речиси готова, па дури и тогашниот премиер Никола Груевски најави дека административците ќе се вселат во новиот објект налето. Тој заедно со претставници од компанијата и речиси цел тогашен владин тим прошетаа низ објектот најавувајќи дека тој е 99 отсто готов. Но, и покрај најавите, од ЕЛЕМ сѐ уште работат во стариот објект.

Инаку, ова е една од неколкуте градби што се дел од „Скопје 2014“ која никна во непосредна близина на хотел „Бристол“, и покрај лавините критики и негодувања од страна на архитектите, јавноста и жителите од тој реон.

И таа зграда, како и сите од „Скопје 2014“, има класицистичка фасада. Дополнета е со склуптури на богот Зевс и мозаици со мотиви од грчката митологија. Покрај луксузниот надворешен изглед, не се штедеше ниту при внатрешното опремување на објектот. Освен неопходниот мебел и опрема за работа, за вработените во компанијата се обезбедени ленти за трчање, статични велосипеди, маса за пинг-понг и друга опрема.

Административното здание на ЕЛЕМ се изгради врз основа на идејното решение изработено од авторите Лазар Димов, Жарко Чаушевски и Стефан Смилевски.

Деспина Трајковска-Димова