Уште еден професор тргна кон Водно


Универзитетскиот професор и поранешен амбасадор, Блерим Река, влегува во трката за претседател на државата. Тој ќе настапи како натпартиски кандидат, но номинацијата е дело и на Алијансата за Албанците и Беса. Партиите на Зијадин Села и на Биљал Касами на овој начин сакаат да го добијат приматот кај граѓаните од албанска националност, имајќи предвид дека владините ДУИ и СДСМ, кои имаат значителна поддршка меѓу албанското гласачко тело, одлучија да настапат заедно на претседателските избори, при што нивниот фаворит ќе биде од редовите на социјалдемократите.
Река вчера на својот профил на Фејсбук ја потврди веста, која од утрово се ширеше во политичките кругови.
„Не можам да им одговорам на сите медиуми и пријатели, па преку оваа објава ја објавувам мојата кандидатура за претседател на Република Северна Македонија, со надеж дека ќе биде поддржана. Постојат две причини за оваа одлука. Прво, само со македонските кандидати, без ниту еден Албанец, ова мултиетничко општество ризикува да се лизне во моноетничка држава, а Албанците да бидат само гласачи, но не и гласани. Второ, само интелектуалната критика, без да се влезе во политичка конфронтација, не е доволно за да се промени ситуацијата. Тие на Фејсбук остануваат виртуелни, додека животот, сепак, е реален. Впрочем, историјата ја пишуваат државниците, интелектуалците само пишуваат за историјата“, напиша професорот Река во својот профил.
За да истрча на трката закажана за 21 април, односно на 5 мај, Река ќе треба да собере најмалку десет илјади потписи од граѓани со право на глас или да добие поддршка од најмалку триесет пратеници во Собранието. Втората опција, во моментов, е невозможна мисија за албанските опозициски партии. Поради тоа, ќе се собираат потписи што би требало да биде лесна задача ако се има предвид дека зад него и официјално застанаа Алијансата за Албанците и движењето Беса.
„Како опозициски партии, сметаме дека претседателските избори во земјата немаат значење без кандидат Албанец бидејќи во спротивно, Албанците ќе бидат сведени само на гласачи, но не и за субјект за кој треба да гласаат. Неговото богато академско и дипломатско искуство би ја зајакнала функцијата претседател на државата“, се вели во заедничкото соопштение на двете партии.
Тие очекуваат поддршка на Река да дадат и голем број невладини организации, граѓански здруженија и поединци, со што би се испратила јасна порака дека времето на ДУИ е истечено.
Блерим Река (60) дипломирал право на приштинскиот универзитет во 1982 година. Во 1994 година во Приштина магистрирал во областа граѓанско и економско право. Осум години подоцна во главниот град на Косово и докторирал меѓународно право. Од 2006 до 2010 година е амбасадор на Македонија во Европската Унија во Брисел. (Г.А.)