Уште две сестри поминале низ пеколот во „25 Мај“: Дете растргнато меѓу судот и социјалните работници


Центарот за социјални работи на Скопје одбива да врати малолетно девојче, кое било згрижено во ЈУ „25 Мај“, кај својата мајка, иако пред една година судот донел одлука дека ѝ ги враќа родителските права на мајката Р.А и таа може да ги земе со себе.
Според одлуката, на мајката ѝ се вратени правата над двете ќерки, В.А. (16) и Љ.А. (13). Таа од Центарот го побарала само помалото девојче. Засега немаме информации каде е поголемото. За двете девојчиња Ромки има сознанија дека не се силувани, но се на друг начин сексуално злоупотребувани додека биле штитенички во „25 Мај“.

За овие две деца, како и за 13-годишно девојче кое е можна жртва на трговија со луѓе, е поднесена граѓанска тужба за утврдување дискриминација по основ на етничка припадност против МТСП, Центарот за социјална работа и против домот „25 Мај“. Тужбата во име на родителите ја поднела адвокатката Софија Бојковска. Според неа, доказите говорат за нееднаков третман кон децата Роми во споредба со останатите згрижени деца во домот, што е основа за да се докаже дискриминација.

Случајот почнал во 2012 година, кога судот ѝ ги одзел родителските права на мајката Р.А. поради грубо занемарување на родителската должност. Децата требало да бидат згрижени во домот „25 Мај“. Но тие постојано биле надвор од домот, спиеле по улици препуштени сами на себе и никој не водел грижа за нивното отсуство.

„При обидите да оствари редовни средби со своите деца, мајката често не можела да ги најде во Домот, а никој од надлежните службени лица не знаел да ѝ каже каде се наоѓаат нејзините ќерки ниту, пак, отсуството го пријавувале во МВР. Девојчињата една ноќ дошле кај својата мајка и ѝ се довериле дека биле сексуално злоупотребувани од постар маж во близина на меѓуградската автобуска станица во Скопје. Кога дошле, на себе немале долна облека. Човекот кој ги малтретирал им се претставил како социјален работник од ЦСР и ги однел на за нив непознато место каде што сексуално ги злоупотребувал. Мајката го пријавила случајот во полиција. Девојчињата биле однесени на лекар, каде што било констатирано дека не се силувани, но се на друг начин сексуално злоупотребувани“, вели Бојковска.

Двете сестри биле десетици пати пријавувани за исчезнати.

На 26.1.2017 година Основниот суд Скопје 2 ѝ ги вратил родителските права на мајката. Таа до Центарот за социјални работи поднела барање да ја земе кај себе ќерката Љ.А. Центарот одбил да ја почитува судската одлука бидејќи сметал дека мајката нема услови да го згрижи детето. Стручниот тим се изјаснил дека мајката и нејзиниот вонбрачен партнер треба да обезбедат минимум станбени услови за да може малолетната Љ.А. да се врати кај својот родител.

„Врз основа на фактот дека Љ.А. подолго време престојува во згрижувачко семејство каде што е одлично приспособена, како и фактот дека во биолошкото семејство на детето може да дојде до повторно усвојување на асоцијално поведение, стручниот тим смета дека барањето на мајката Р.А. за реинтеграција на детето Љ.А. треба да се одбие“, пишува во решението на Центарот за социјални работи – Скопје.


Постапувајќи за случајот со малолетното девојче кое ја отвори Пандорината кутија за случувањата во домовите, социјалната инспекција утврди дека нејзиниот претходен старател знаел, но не пријавил дека девојчето е силувано. Од МТСП најавија прекршочни и кривични пријави за одговорни и за стручни лица во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи. Основното обвинителство реагираше дури по половина година откако МВР до обвинителството доставило кривични пријави за лицата што го злоупотребувале девојчето.

Исчезната штитеничка пријавена по десет дена

Три лица, меѓу кои 19-годишна штитеничка на Јавната установа „Ранка Милановиќ“ во Гази Баба, и две малолетнички на возраст од 16 и 17 години од Чаир се оддалечиле во непознат правец, соопштија вчера од МВР.
МВР информира дека случајот со штитеничката С.Р. (19) завчера вечер во полициската станица Гази Баба го пријавил социјален работник, кој рекол дека таа на 10 февруари самоволно ја напуштила установата и се оддалечила во непознат правец.

Сунчица Стојановска Зоксимовска