Училишни маки на секој почеток од учебна година


Околу петстотини ученици од ООУ „Гоце Делчев“ во Општина Центар наместо на настава седат дома. Родители револтирани од ситуацијата велат дека децата на првиот училиштен ден отишле на училиште, а попладнето одговорните им соопштиле дека наставата ќе се одложи до крајот на неделава. Проблем е што доградбата започната лани и уште не е завршена иако тогаш беше најавено дека ќе биде готова до јуни.

„Учителките нè повикаа на прв училиштен час, наставата почна нормално. Ни рекоа дека ќе има и дневен престој исто како лани. Во 13 часот попладне нè известија дека од следниот ден нема настава, дека уште се работи на реконструкцијата и има прашина во училиштето. Тоа е целосно несериозен пристап од училиштето, ама и од градоначалникот на Општина Центар и од Министерството за образование и наука. Ние сме затечени бидејќи сме на работа, на децата им ја скратија радоста, тргнаа на училиште, а сега треба да седат дома. За нешто што се прави речиси една година, на 3 септември дознаваме дека не е готово. Зошто?“, прашуваат родители чии деца учат во ООУ „Гоце Делчев“.

Се повикуваат на членот 38 став 6 од Законот за основно образование каде што стои:

„Воспитно-образовната работа не смее да се прекинува во текот на наставната година, освен за вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго).

„Градежните работи не се вонредна состојба за да се направи толкав стрес на денот на почеток на учебната година. Зошто е дадена согласност да прекине настава? Зошто обновата на училиштето не е заврши ни во јуни ни во септември“, посочуваат родителите. Додаваат дека за ваквата одлуката ниту е свикан ниту се изјаснил советот на родители.

За прашањата што ги засегаат родителите и учениците, побараме одговори од директорката на училиштето Наде Молеровиќ. Таа вели дека поради педагошкиот момент децата да го почувствуваат првиот ден на училиште ги свикале и мислеле дека ќе имаат настава и наредните денови.

„Инспекцијата ни укажа дека не може да се изведува настава за доброто на децата. Затоа донесовме таква одлука. Ќе си одработиме за пропуштените часови“, вели Молеровиќ.

Од Министерството за образование и наука појаснуваат дека добиле информација од Општина Центар и од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за донесена одлука за одложена примена на објектот, односно за одложен почеток на наставата, поради тоа што во просториите на училиштето сé уште се изведуваат градежни активности за доградба и санација.

„Активностите ги реализира Општина Центар. Во моментот кога ќе бидат завршени градежните интервенции и ќе се создадат соодветни услови за настава и за работа, училиштето ќе биде пуштено во употреба. Секако, Министерството за образование и наука ќе биде ангажирано во целиот процес и соодветно ќе известува за текот и донесените одлуки“, подвлекуваат оттаму.

Градоначалникот на Општина Центар пак, Саша Богдановиќ, истакна дека во училиштето уште не се завршени градежните активности во целост бидејќи до општината стигнала судска пресуда за катна гаража и сите налози биле сопрени. Па општината десет месеци плаќала судски пресуди. Богдановиќ додаде дека сметале дека може да се одржува настава во училиштето без да се користат просториите на вториот кат, меѓутоа, од Државниот санитарен и здравствен инспекторат им било укажано дека прашината може да предизвика последици по здравјето на децата.

„Доградбата на училиштето заврши навреме. Продолживме со целосна реконструкција на постојното училиште, ама ни дојде судска пресуда за катна гаража и сите налози ни беа сопрени. Уште од претходно се водел судски спор кога јас не сум бил градоначалник. Ни дојде пресуда од милион и пол евра, ни ги земаа парите од сметка и ни требаше време да се одблокираме. Во тој период додека бевме блокирани не можевме да потпишуваме налози за работа, законски немаме дозвола за тоа. Ние еден месец останавме затечени. Сега брзаме, ветено ни е од изведувачите дека ќе бидат тргнати скелињата, за од понеделник децата да имаат настава“, рече Богдановиќ.

Други родители се на мака бидејќи нивните деца и оваа учебна година не добиле комплет учебници.

„Моето дете е седмо одделение во ООУ „Партенија Зографски“ во Општина Кисела Вода. Не доби учебници иако на 15 други дечиња од одделението им биле поделени. Освен син ми, и за други дечиња немало комплет учебници. Класната им рекла дека ќе добијат дури за еден месец. Барем да можам да ги купам, да ги фотокопирам треба да потрошам 1.000 денари. Лани три месеци по почетокот на учебната година го доби учебникот по географија, а по историја и македонски јазик воопшто не доби. Не можевме ниту да ги купиме. Од Министерството за образование велат дека образованието е бесплатно, но јас немам таков впечаток“, вели родител за „Независен весник“.

Директорот на ООУ „Партенија Зографски“, Стевче Василевски, вели дека учебниците се дистрибуираат до училиштето на дневна основа. Додека разговаравме, нè извести дека стигнал куп од нови учебници по природни науки за прво, второ и за трето одделение, како и учебници по предметот биологија за деветто одделение, англиски јазик.

„Оние учебници што се останати од минатата година на располагање на училиштето и се валидни, се поделени на учениците. Има учебници во кои има измени. Ние на дневна основа добиваме учебници, вчера ни беа дистрибуирани, а уште ни стигнаа и денеска. Дури и за летниот распуст ни доставуваа. Како доаѓаат учебниците, библиотекарот им ги дели на класните раководители“, рече Василевски.

Вероника Мароска-Леова