Учениците од прво до трето одделение ќе учат од нови учебници


Ученици од прво, второ и трето одделение ќе добијат нови учебници. За овие одделенија секоја учебна година ќе се печатат нови учебници, но не како што беше пракса досега да се печатат само оние во кои децата пишуваат или цртаат, рече министерот за образование и наука. До училиштата ќе бидат доставени и 22 коригирани учебници за основно образование за учебната 2018/2019 година, кои се набавени во целосен тираж од Министерството. Станува збор, како што рече министерот за образование и наука Арбер Адеми, за коригирани учебници по предметите математика од прво до деветто одделение, природни науки од прво до шесто одделение, биологија од седмо до деветто одделение, хемија од осмо до деветто и физика од осмо до деветто одделение. Во делот на средното образование, во тек е процесот за изготвување нови 31 учебник за стручно образование. Новина е што учебниците ќе бидат во слободна продажба во издавачките куќи по иста цена по која ги откупува Министерството за образование, право што годините претходно го немаа издавачките куќи.

„Во тек е процесот за изготвување нови 31 учебник за стручно образование. Статусот е секаде различен, односно некаде сè уште не е формиран авторски тим, некаде е формиран и се работи на подготовка на содржината, некаде содржината се разгледува од рецензентска комисија. Исто така, ќе се коригираат и содржините на два учебника – биологија за прва и етика за трета година. Постапките се во тек. Од оваа година првпат се воведува италијанскиот јазик како втор странски јазик. Што се однесува до учебниците, тие се откупени и е во тек постапката за нивна дистрибуција“, изјави Адеми.

Директорката на Педагошката служба во Министерството за образование, Вања Велева, посочи дека изминатиот период Министерството и Педагошката служба учествувале во процесот за подобрување на постоечките учебници, заради отстранување на недостатоците од стручен, методолошки или технички аспект. Се овозможија, рече Велева, интервенции во најмногу 30 отсто од содржината на учебниците. Сигналот за промена на содржината го добиле од наставниците во училиштата.

„Во постапка за печатење се и 20 други учебници од кои дел се одобрени и првпат ќе бидат печатени, а за дел од нив треба да се формираат авторски тимови затоа што на конкурс не се пријавил автор по конкретниот предмет. Постапката за печатење е во тек и по завршување на процесот учебниците ќе бидат дистрибуирани во училиштата, согласно нарачаните количини“, рече Велева.

Магдалена Влаисављевиќ, која е член на Комисијата за учебниците по предметот биологија за седмо, осмо и деветто одделение, рече дека во учебниците се коригирани правописни грешки, грешки при превод, а дел од корекциите биле од стручен аспект каде што имало објаснување на поими или одредени процеси, односно стручни поими што недостигале, а се вградиле во учебникот со цел ученикот тој процес да може полесно да го сфати.

Министерот додаде дека учебниците за основно образование ќе ги печатат издавачките куќи како Албатрос, Алби, Англиски центар, Арс Ламина, Арт студио Тамара, Беса прес, Еуро бук, Кат продукција, Македонска искра, Просветно дело, Сент Џорџ студио, Топер. Дел од нив ќе ги печатат и учебниците за средно образование.

За учебниците што се коригирани и учебниците за прво, второ и трето одделение договорот за откуп е веќе потпишан со издавачките куќи, а процесот на печатење е почнат. Каде што уште нема откуп, а Министерството оди со печатење, министерот подвлече дека потпишал јавна набавка за печатење.

„Кога станува збор за откупот, во постојана комуникација сме со издавачките куќи можеби ќе има мало задоцнување, ама ветувам дека учебници во септември ќе има кога зборуваме за откуп. Кога сме кај печатењето, ќе имаат учебници“, додаде министерот.

Поради судски процес со една издавачка куќа, која се откажала поради техничка грешка, дел од учебниците нема да стигнат навреме, затоа учениците додека тие стигнат ќе учат по старите учебници.

„Ни беше укажано на техничка грешка на одговорно и овластено лице и поради овој терминолошки пропуст, поради ваквата терминолошка грешка нема да ги испорачаме навреме само оние учебници што треба да стигнат како дополнување и тука ги зацврстуваме и учебниците што првпат треба да излезат“, додаде Велева.

Адеми рече дека потрошиле 40 проценти помала вредност за секој учебник кој е набавен во целосен тираж споредено со ланската цена.

„За учебниците за прво, второ и трето одделение одиме со целосен тираж и за 22 учебници кои веќе се коригирани и таму одиме со целосен тираж. Секаде каде што оваа година одиме првпат со целосен тираж, плаќаме 40 проценти помала вредност од ланската цена. Оваа заштеда не е повеќе значајна од целта што сакаме да ја постигнеме, а тоа е децата да учат од поквалитетни учебници“, рече Адеми.

Вероника Мароска-Леова