Денес лидерска средба за преговорите за името во Клуб на пратеници


Премиерот Заев најави дека денес во 13 часот свикал лидерска средба во Клубот на пратениците, за да ги информира лидерите на партиите за деталите од средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас и за можноста да се даде шанса за евентуално решение што би било прифатливо за двете страни.

-Би сакал да се запази редот, да има информирање за деталите. Прво да му ги соопштам на претседателот на државата, на лидерот на опозицијата, на лидерот на најголемата албанска партија, претседателот на Собранието. Тоа е редот, за да имаме шанса да изградиме национален консензус по вака важно прашање. Веднаш по состанокот ќе дадеме изјава и сето ќе го споделиме со јавноста, рече Заев.

Тој појасни дека министерот за надворешни работи Никола Димитров веќе ги контактира сите поканети на средбата, изразувајќи уверување дека сите ќе бидат присутни на средбата.

Премиерот не сакаше да коментира каков е неговиот став како граѓанин, а не како премиер, по однос на можниот предлог што се објавува по медиумите, апелирајќи на трпение за да се даде шанса да успее преговарачкиот процес.