Утре завршува МТФ „Војдан Чернодрински“: Дванаесет претстави во трка за награда


Педесет и третото издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ завршува утре, 15 јуни. Во текот на денот ќе биде соопштена одлуката на жири-комисијата за тоа кој ќе ги понесе годинава наградите. Фестивалот се отвори на 8 јуни во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, со претставата на МНТ „Ничија земја“ во режија на Александар Морфов.

Утревечер во чест на наградените ќе се одигра претставата „Не, сега драга“ (Театар Комедија) по текст на Реј Куни во режија на Коле Ангеловски.
На годинешното издание на фестивалот се 12 претстави од македонските професионални театри кои се во официјалната програма и во трката за награди и за највисокото фестивалско признание – најдобра претстава во целина.
Жири-комисијата е во состав Мими Таневска, актерка и професор на ФДУ, Драган Спасов-Дац, актер и Јасна Новаков, театролог и извршен директор на театарот „Звездара“ од Белград.

Годинашни добитници на наградата за животно дело се композиторот Љупчо Константинов и актерот Петар Арсовски, а наградите свечено им беа доделени традиционално на отворањето на фестивалот.
Вечерва во 19:30 часот на сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ ќе се одигра и последната претстава која е во трка за награда „Ужегнатост“ (Артопија) во режија на Владимир Милчин. Во рамките на придружната програма гостува Театарот на бугарската армија со претставата „Железниот светилник“ по текст на Димитар Талев во режија на Асен Шопов.

Во изминативе фестивалски денови се одиграа две испитни претстави. Првата е по актерска игра во класата на проф. Мими Таневска и демонстратор Ангелчо Илиевски од ФДУ и втората по актерско мајсторство во класа на проф. Мето Јовановски и асистент Магдалена Ризова Черних од ЕСРА.
Во рамките на придружната програма беше поставена и изложбата на МНТ „Моќта на театарот“, а се одржаа и две трибини на теми „Театарската критика денес“ и „Местото и улогата на драматургот во театрите во Македонија“. Беше промовирана книгата „Во четири очи“ од Борче Грозданов, во која се објавени 28 интервјуа од македонски и светски доајени во театарот.

 

фото:општина Прилеп