УПОЗ ќе бара амандмански да се интервенира во Предлог буџетот за платите во администрација


Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) ќе достави амандмани до Собранието на  Македонија во врска со предлог буџетот за 2018 година кои се однесуваат на регулирањето на платите во јавната администрација.

Од УПОЗ бараат од Владата, Министерството за финасии и од пратеничките групи да има претставници на Синдикатот кога предлог буџетот ќе се разгледува во собраниските комисии.

– Со Предлог буџетот за 2018 година предвидено е покачување на плати само за еден дел од администрацијата, односно само за вработените во здравството, образованието и одбраната. Синдикатот на УПОЗ тоа го одобрува, но предочува дека има незадоволство за ова парцијално решение од преостанатиот дел од администарцијата, рече на денешната прес-конференција потпретседателот на УПОЗ за администрација, Васе Неданоски.

Од Синдикатот на УПОЗ сметаат дека надминувањето на проблемот со регулирањето на платите може да се реши единствено со потпишување колективен договор на ниво на гранка, а не како досега, тоа да е регулирано со закон.

– Во овој период има реакции во Синдикатот на УПОЗ од неговите членови и во делот на регресот за годишен одмор, бидејќи последните години неговата исплата е ставена како законска обврска во други сектори, додека кај администрацијата таа можност не е предвидена и во моментот не се врши исплата, рече Неданоски.

Од УПОЗ ја поздравија иницијативата на Министерството за финансии за јавно презентирање на предлог буџетот, но бараат активно учество на Синдикатот не само во презентацијата, туку и во креирањето на буџетот.

Генералниот секретар на УПОЗ, Трпе Дејаноски, потсети дека последното зголемување на платите во јавната администрација било во 2002 година по двонеделниот штрајк на целиот јавен сектор и изнесувало 24 отсто, а во 2014 година имало зголемување од пет проценти што не ги добиле сите институции подеднакво.