Уникатно одлучување во Советот на обвинители: Функции за роднини, деградација на критичари


Обвинителката Лидија Раичевиќ кон крајот на минатата година на трибина за правосудството јавно ги критикуваше состојбите во нејзината фела и притоа посочи на непотизам со прашањето – „Дали во обвинителството има раководители што ги вработиле своите деца и роднини?“ Само два месеца подоцна, Раичевиќ , практично, беше деградирана со одлуката на Советот на јавни обвинители да не биде реизбрана за обвинителка во одделот за организиран криминал и место тоа да биде вратена во скопското обвинителство, откако претходно беше меѓу мнозинството дисквалификувани кандидати на конкурсот за републички јавен обвинител. Иако има 25-годишен обвинителски стаж, титула доктор по право и серија тешки предмети што ги водела, објаснувањето за неизборот на Раичевиќ беше дека не поминала најдобро на бодувањето во Советот на јавни обвинители. Така, нејзиното место го зазеде многу понеискусната во обвинителската струка Ивана Трајчева, која преминувајќи од скопското обвинителство во одделот за организиран криминал всушност е унапредена.

Деновиве и амбасадорот на САД во Скопје, Џес Бејли, излезе со критика за судирот на интереси во Советот на јавни обвинители, како институција што ги избира обвинителите во основните обвинителства во земјава. Неговата реакција дојде откако дел од медиумите посочија на случајот со Раичевиќ, но и по именувањето на Марија Ѓоргова, исто така, за обвинителка во организиран криминал. Тогаш, Коле Штерјов, претседателот на Советот на обвинители, не се иззел од гласањето, иако ѝ е тетин на Ѓоргова. Иако, според информациите, гласал „воздржано“, Штерјов овозможил да се обезбеди кворум за изјаснување, во ситуација кога три места во Советот беа испразнети.

Неодамна, на една од испразнетите функции во Советот дојде обвинителот Ацо Колевски, кој при положувањето на свечената заклетва, практично, ги оправда постапките на своите колеги одговарајќи на новинарско прашање како треба да се поправи сликата за институцијата која избира за обвинители блиски роднини.
„Сметам дека во Советот се избрани членови што се професионалци во својата работа и дека ако требало нешто да се направи, во смисла на законските задолженија, тие би го направиле, во смисла на изземање и слично. Веројатно постоеле законски услови за сето тоа, затоа и така поминал изборот“, рече Колевски.
Наспроти тоа, амбасадорот Бејли порача дека јавноста не треба да го врти погледот и да ги прифаќа работите онакви какви што се, особено ако е соочена, како што рече, со прекршување на законите и со корупција или со непотизам и слични појави.
Вчера се обидовме да добиеме коментар од Штерјов за критиката од американскиот амбасадор, меѓутоа тој не одговараше на телефонските повици. Затоа, пак, обвинителката Раичевиќ, која од неодамна се „пресели“ во скопското обвинителство, вели дека и сега стои на ставот што го соопшти во декември – дека во обвинителската фела има многу семејни и роднински врски.

„Со години работам во обвинителството. Немам друга професија ниту други приходи. И сѐ што ќе кажам е во функција на подобрување на состојбите во мојата струка и на подигнување на нејзиниот кредибилитет“, ни изјави Раичевиќ.
Таа вели дека во време кога се преземаат крупни реформи во правосудството очекувала Советот на обвинители да биде еден од предводниците на тој процес. За нејзиниот случај, пак, вели дека ѝ е нанесена чиста неправда, не поради тоа што е вратена на старото работно место, туку затоа што процесот на избор на новите обвинители се одвивал сосема нетранспарентно, без кандидатите да имаат каков било увид во бодувањето и според кои критериуми е изведено тоа.

„Сето тоа можеше да се направи потранспарентно. Отворено да се каже зошто се преземаат кадровски промени, на кој начин се вршело бодувањето и така да се заштити дигнитетот на кандидатите, наместо да се урива нивниот авторитет“, вели Раичевиќ.
Во нејзиното професионално портфолио во „организиран криминал“ се запишани, меѓу другото, познатите предмети „Ровер“, со кој е опфатен Љубе Бошкоски, а се однесува на убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев во 2001 година, како и „Еразмус“, во кој се обвинети за корупција професори од Економскиот факултет во Скопје. Раичевиќ го водела и случај за НЛБ банка, во кој, според информациите, првоосомничен е сопруг на една од членките на Советот на обвинители кој, пак, одлучуваше неодамна за изборот на седум обвинители во „организиран криминал“.

Покрај Раичевиќ, уште еден четиригодишен мандат во „организиран криминал“ не добиле и Спасена Тумановска, Имрин Османи и Владимир Милошоски. Сите тие се вратени на старите работни места, а на нивните позиции Советот постави обвинители од основното обвинителство. Покрај Ѓоргова, која пред извесно време, под недоразјаснети околности, доби отказ од СЈО и Трајчева, која доаѓа на местото на Раичевиќ во „организиран криминал“, назначени се и Енгелуше Кариу Леши и Валентина Билсимовска.

Советот на јавни обвинители, во периодот пред смената на кормилото на извршната власт, беше во постојан конфликт со СЈО. Тој судир особено се чувствуваше во периодот кога на чело на Советот беше Петар Аневски. Сепак, токму од редовите на Советот беше избран новиот шеф на државното обвинителство – Љубомир Јовески. Само тој и уште една кандидатка, од вкупно дваесетина што се јавија на конкурсот, добија преодна оценка од Советот на обвинители, кој сега функционира главно во истиот состав како и тогаш кога беше во кавга со СЈО.

Александра М. Митевска