Уникатниот неолитски локалитет „Врбјанска чука“ ќе биде претставен на меѓународни конференции
Археолозите ги завршија годинашниве истражувања на неолитскиот локалитет „Врбјанска чука“ во Кривогаштанско, неспорно потврдувајќи дека датира од пред 8000 години, а бројните наоди го вбројуваат во уникатните не само во Македонија, туку на Балканот и во Европа. Локалитетот ќе биде претставен на конференции во Шпанија, Швајцарија и во декември во Македонија.
Според Гоце Наумов од Центарот за предисториски истражувања на Македонија, посебноста на локалитетот го привлекла вниманието на европските врвни стручаци.
– Посебно фасцинира фактот што за прв пат на овие простори се пронајдените органски отпечатоци на жито од пред 8000 години. Уникатни дефинитивно за Македонија, но и за балканскиот простор се големите стопански структури кои ги откриваме. Досега се седум кои пред сѐ се за чување жито, за обработка, подготовка и печење леб, бидејќи откриваме печки, амбари, сандаци. Специфична е и керамиката која има посебни форми и декорации, единствени за локалитетот „Врбјанска чука“. Сето тоа ние го публикуваме и го привлекува вниманието на стручњаците од Европа, појасни Наумов.
Лабораториските анализи на остатоците на житото ја потврдуваат староста на локалитетот во 5900 година пред нашата ера, или од пред 8000 години, а Пелагонија со почетокот на неолитот се издвојува како посебност, со карактеристики, уникатни и во светската археологија.
– Ги завршивме теренските истражувања. Локалитетот ќе биде презентиран на конференции во Шпанија, во Швајцарија, а во декември ќе организираме конференција и во Македонија. Тоа значи дека „Врбјанска чука ќе привлече уште повеќе внимание, а веќе има интерес од врвни стручаци од неколку универзитети од Европа. Имаме учество на стручњаци од Шпанија, Чешка, од Германија, Словенија каде се вршат лабараториски анализи. Имаме и конкретни понуди за соработка за наредната година. Тимот и бројот на стручњаците од Европа ќе се зголемат, а тоа ќе значи уште потемелно истражување, рече Наумов.
Потенцира дека лабораториски ќе се анализираат пронајдените примероци – органските остатоци, семињата, животинските коски, архитектурата, масните киселини, ќе се прават изотопски анализи на остатоците на животни, но и на човечки коски.
Истражувањата кои се прават во соработка со Институтот за старословенска култура од Прилеп, потврдија голема активност на локалитетот „Врбјанска чука“ и во римскиот и во средновековниот период.