Укинување на промената во сметање на времето во ЕУ најверојатно до 2021 година


Одлуката да се укине промената во сметањето на времето во ЕУ можеби ќе се случи до 2021 година, изјави денеска австрискиот министер за транспорт Норберт Хофер.

Почетниот датум, кој е за две години подоцна од предлогот во септември на Европската комисија, ќе им даде повеќе време на земјите членки да се подготват, изјави Хофер, чија земја моментално претседава со ЕУ.

Забрзаниот распоред, предложен од Еврокомисијата, беше доведен во прашање уште во октомври, затоа што некои земји членки предупредија дека нема да можат да ги преземат потребните мерки за да се прилагодат во области како, на пример, воздушниот транспорт.

– Ако инсистираме да ја направиме промената веднаш, тоа ќе го поткопа предлогот на Комисијата. Воопшто нема да можеме да ја прекинеме праксата за смена на часовното време, рече Хофер пред почетокот на состанокот на министрите за транспорт од ЕУ.

Комисијата предложи земјите членки да се откажат од преминот од зимско кон летно сметање на времето по онлајн анкета во целата ЕУ, според која 84-проценти од испитаниците ја поддржаа идејата.

За таква промена, сепак, конечната реформа ќе мора да ја одобрат земјите-членки и Европскиот парламент. Потоа земјите-членки сами ќе одлучат дали ќе останат на летно сметање на времето, или ќе го задржат стандардно време во текот на целата година