Укината автобуската линија меѓу Скопје и Солун


Со редовната автобуска линија Скопје-Солун-Скопје изминатиот викенд од кај нашиот јужен сосед се вратија последните патници. Редовниот автобуски превозник „Македонија сообраќај“, по 15 години функционирање, од почетокот на месецот не вози патници на оваа меѓународна линија.

Поради спор кој речиси четири години се води во Управниот суд со Министерството за транспорт и врски, македонскиот превозник три години нема лиценца за превоз на патници, така што заклучно со изминатиот викенд решил целосно да ја укинат оваа линија.Патниците што ќе сакаат да патуваат во Солун сега ќе можат да купат карта само од грчкиот превозник „Симеонидис турс“, кој е партнер превозник на „Македонија сообраќај“.Оваа линија ќе биде исклучена до мај годинава кога Министерството за транспорт и врски ги распределува меѓународните дозволи за транспорт.

Викендов патниците што имале купени повратни билети од Солун за Скопје на автобуската станица во Солун добиле информација дека нема да може да патуваат на оваа релација со картите купени во Скопје.

– Два дена немаше автобус од Солун за Скопје. Требаше да си одам во четвртокот, но билети имаше само за во сабота. На шалтерот на грчкиот превозник во Солун ни кажаа дека нема да можеме да купиме повратни карти бидејќи македонскиот превозник повеќе не возел – објаснува за „Независен весник“ скопјанецот Мирослав Трајковски.

Тој е еден од многуте загрижени граѓани кои често патуваат на оваа линија. Вели дека наместо со автобус, се вратиле со комбе и вели дека нема информација дали повторно ќе може со автобус на редовна линија да патува од Скопје до Солун или ќе мора да оди со воз, за што наместо за три и пол, ќе патува шест часа.
Од Министерството за транспорт и врски велат дека пореди непочитување на Законот за превоз на патниот сообраќај уште во 2014 година му била одземена лиценцата на „Македонија сообраќај“ за превоз на патници на линијата Скопје-Солун.

Потоа следувале две жалбени постапки по што Министерството за транспорт и врски повторно во 2016 година ја одзело дозволата на „Македонија сообраќај“ за превоз на истата линија.

Во периодот на жалбените постапки, како што информираат од Министерството, била продолжена важноста на дозволата на превозникот бидејќи решението за одземање на дозволата не било правосилно, а дозволите важеле со 31 јануари 2017 година.
„Македонија сообраќај“ 15 години вози на редовната автобуска линија Скопје-Солун.Но, по овој рок од „Македонија сообраќај“ не аплицирале за нова дозвола и немале лиценца за возење на оваа линија.

– Во овој момент тече жалбената постапка пред Управниот суд и сѐ додека се води управната постапка Министерството за транспорт и врски согласно законските прописи не може да преземе дејства – информираат од Министерството за транспорт и врски.

Оттаму сепак информираат дека автобуската линија од Скопје до Солун и обратно не е целосно укината, односно партнер фирмата од Грција редовно ја одржува линијата и веќе аплицирале за продолжување на дозволата.
Од превозникот „Македонија сообраќај“ за „Независен весник“ потврдув
аат дека повеќе не возат на линијата од Скопје до Солун и дека патниците не можат да купат карти за истата кај нив.

– Веќе четири години со Министерството за транспорт и врски водиме постапка во Управниот суд. По пријава од автобуската станица во Велес ни беше одземена лиценцата во 2014 година – вели Ѓорѓи Вчков од „Македонија сообраќај“.

Вчков објаснува дека од почетокот на месецов решиле да прекинат со возење на оваа линија и дека ќе аплицираат за нова лиценца која се надеваат дека ќе ја добијат во мај кога ќе биде распределбата на линиите. Тоа значи дека во наредните три месеци нема да има македонски превозник што ќе вози редовна линија до Солун.

– Патниците ќе можат да купат билети за превоз во Солун само преку грчкиот превозник „Симеонидис турс“ кој тргнува од Скопје секој ден во 17 часот. Во интерес на патниците, за да нема прекин во линијата од наша страна, Министерството за транспорт и врски може да дозволи сѐ уште оваа линија да се одржува до мај – објаснува Вчков.

Редовната автобуска линија Скопје-Солун-Скопје постои повеќе од 15 години и возеше два пати дневно. Од Скопје автобусите тргнуваа наутро во 6 часот и попладне во 17 часот.
Александра Спасевска