Убиениот Македонец во Авганистан е 37-годишен жител на Љубанци, МНР сѐ уште нема официјална потврда


Министерството за надворешни работи се уште нема официјална потврда од авганистанските власти во врска со веста за македонскиот државјанин кој беше киднапиран и убиен во Кабул, а некои медиуми веќе објавија дека жртвата е 37-годишен жител на скопското село Љубанци.
Според објавите во странски медиуми завчера, македонскиот државјанин заедно со уште две лица од Малезија и Индија, биле киднапирани и убиени во главниот град на Авганистан.
Тројцата работеле во „Содексо“, втора по големина компанија за храна и кетеринг во светот. Компанијата „Содексо“, завчера изрази сочувство преку соопштение до јавноста за трагичната загуба на нејзините вработени.