Уапсен е Пуџдемон, експретседателот на каталонската Влада


Германската полиција денеска на границата меѓу Германија и Данска го уапси поранешниот претседател на каталонската регионална Влада Карлес Пуџдемон.

Тој бил задржан кога со автомобил ја минувал границата, потврди неговиот адвокат.

Пуџдемон се враќал од Финска, каде престојуваше минатата недела на покана на фински пратеник. Според тој пратеник, Пуџдемон во петокот ја напуштил Финска во правец на Белгија на „неутврден начин“. Финската полиција вчера информираше дека примила налог од Шпанија за негово апсење, но одговори дека не знае каде тој се наоѓа.

Пуџдемон е уапсен врз основа на меѓународната потреница, што во петокот вечерта ја објави Врховниот суд на Шпанија поради бунт и организација на референдум за независност на Каталонија. Според шпанскиот закон, доколку биде осуден, може да добие затворска казна до 30 години.

Во Каталонија вчера и завчера се одржаа серија протести од каде беше побарана „слобода за политичките затвореници“. Шпанското Министерство за внатрешни работи се огласи, тврдејќи дека не станува збор за прогон поради политички идеи, туку поради кршење на Законот.

Откако на 27 октомври минатата година во каталонскиот Парламент беше изгласано воспоставување независна република Каталонија, шпанската Влада воведе директно управување со автономниот регион.

По тој чекор на шпанските власти, Пуџдемон замина во Белгија, каде живее и води меѓународна кампања. Од тогаш тој престојуваше во Данска, Швајцарија и Финска.