Турци заинтересирани да произведуваат украсно цвеќе во Македонија


Турски компании од Анталија, производители на орнаментално, украсно цвеќе, идната недела ќе дојдат во работна посета на Македонија. Бараат партнери за заедничко производство и настап на трети пазари.

Како што информираат од Македонско-труската стопанска комора (МАТТО), станува збор за членови на Асоцијацијата на производители и извозници на цвеќе за просторно уредување кои во четврток, на 14 декември, во рамки на посетата, ќе имаат Б2Б средби со македонски фирми.

Асоцијацијата е основана 1999 година за да го претставува и поддржува секторот за производство и трговија со орнаментални растенија и да го развива извозот. Во 2016 година Турција има извезено преку 100 милиони долари од овие производи, а планот е до 2023 извозот да надмине 500 милиони. Се извзува во 65 земји од кои најголеми купувачи се Туркменистан, Холандија, Англија, Германија и Ирак.

Се проценува дека во Турција по глава на жител се трошат по пет евра годишно за купување украсно цвеќе. Извозната индустрија вработува 25.000 луѓе, а домашната над 300 000.

Според МАТТО, производството на цвеќе во Македонија е многу раширено, особено во југоисточниот дел, струмичкиот и гевгелискиот регион, како и во Скопје. Добар е и квалитетот, поради што цвеќето може да биде многу конкурентно на светските пазари, вклучувајќи ја и цената.

– Но, во Македонија денес производството на цвеќе е семеен бизнис кој се развива на мали парцели, по пластеници, а продажбата е главно по пазарите. Производството во стакленици е многу скапо бидејќи бара затоплување во текот на зимата. Поевтино е да се увезе од држави во кои цвеќарството е традиција, отколку да се произведува дома, велат од Комората и додаваат дека речиси 80 отсто од цвеќето кое се продава на домашниот пазар е од увоз, сметаат од МАТТО.

Оттаму порачуваат дека е време Македонија да развие стратегиски пристап кон овој тип индустрија и да размисли за обезбедување поддршка преку субвенции и за поттикнување домашни и странски инвестици.

– Осумдесетите години произведувавме и го извезувавме цвеќето со поддршка на холандски партнери, истакнуваат од Македонско-труската стопанска комора