Тупурковски бара поголема помош од државата


Ставре Јада (19) ја доби честа да биде македонски знаменосец за време на свеченото отворање на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, кои почнуваат во петок и ќе траат до 25 февруари. „Нордиецот“ во Јужна Кореја ќе настапи со А-норма во крос-кантри трката на 15 километри (спринт), а покрај него ќе учествуваат и Викторија Тодоровска која ќе учествува во крос-кантри трката на 10 километри и скијачот Антонио Ристевски кој е пријавен во слалом и во велеслалом, и исто така има исполнето А-норма.

Тројцата македонски спортисти вчера имаа промоција во просториите на Македонскиот олимписки комитет (МОК), што е традиција пред поаѓање на секој голем светски настан. На Игрите во Пјонгчанг ќе бидат униформирани во производи на полската компанија за спортска опрема „4Ф“. Очекувањата за нивните настапи се скромни и се однесуваат во рамки на најдобрите лични резултати што ги имаат. Васил Тупурковски, како почесен претседател на МОК, сепак, ја искористи можноста и отворено да изрази потреба од поголема поддршка и помош од државата што во моментот недостасува или е недоволна.

„Во Пјонгчанг испраќаме спортисти со респектибилен квалитет, што не е за потценување. Но, исто така, во Пјонгчанг испраќаме и спортисти на кои очигледно им недостига помош, особено од државата. Затоа и чувството на потценетост и недоволна поддршка што се јавува кај нив. Како олимписки комитет работиме на овозможување на услови, се трудиме, но сето тоа сепак се сведува на снаоѓање наместо на долгорочно системско решение за нормален тек на работите и како предуслов за бележење на резултати“, истакна Тупурковски.

За утре најавена средба со претставници на Владата

Токму на таа тема, за утре, Тупурковски најави средба со претставници на македонската Влада.

„Ќе оствариме прва средба со новата влада на која ќе проблемите во спортот ќе ги ставиме на маса. Се надевам дека заеднички ќе успееме да најдеме решенија за проблемите за подобра иднина, како и обезбедување подобри услови и средства за подготовка. Се радувам на можностите да испраќаме спортисти на летни или на зимски олимпијади на секои две години и се надевам на разбирање за финансиска, но и системска поддршка“, дополни почесниот претседател на МОК.

Македонската делегација во Пјонгчанг ќе биде составена од девет лица и на пат за Јужна Кореја ќе тргне утре. Покрај олимпијците Јада, Тодоровска и Ристевска, дел од неа ќе бидат и тренерите Иван Лесевски и Ѓоко Диневски, докторот Небојша Настов, спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски, Сашо Поповски во улога на водач и Владимир Пановски како водач на тимот. (С.Ѓ.Д.)

Зимската олимпијада, сепак, на МТВ

Македонската телевизија (МТВ), сепак, ги обезбеди ексклузивните права за емитување на Зимски олимписки игри во Пјонгчанг.

„По долги и исцрпувачки преговори со ‘Дискавери’, официјален носител на правата за олимписките игри на територијата на Европа за периодот 2018-2024, јавниот сервис успешно ја круниса важната мисија за продолжување на полувековната традиција според која спектакуларните манифестации се меѓу главните белези на неговата богата спортска програма“, стои во соопштението на МРТ.

Слика од Јужна Кореја ќе оди на МТВ 1 и на МТВ 2 во периодот од 2 часот по полноќ до 15:30 часот попладне. Директни преноси се планирани од натпреварите во алпско скијање, хокеј на мраз, уметничко лизгање, скијачки скокови, биатлон и во нордиско скијање. Поради временската разлика од осум часа со домаќинот на ЗОИ 2018, дел од возбудувањата во боб, санкање, брзо лизгање, акробатско скијање и во сноуборд ќе се емитуваат одложено, во попладневните и во вечерните часови.

Покрај ова, од МТВ соопштуваат дека се обезбедени и Летните олимписки игри во Токио во 2020 година.

„Договорот со кој МТВ ги обезбеди и Летните олимписки игри во Токио во 2020 година е склучен на само три дена пред почетокот на Игрите во Пјонгчанг, пред се поради цената на телевизиските права што е далеку повисока во однос на претходните Олимпијади. Сепак, МТВ вложи максимални напори и успеа да издејствува поволни услови врз основа на кои останува главен промотор на олимпизмот и на олимпиското движење во земјава“, се додава во дописот на јавниот сервис.

Од таму и информацијата дека во редовните термини ќе бидат емитувани и преноси од фудбалската Лига на шампиони и од Лига Европа, од ракометните Лига на шампиони и СЕХА лига, како и од завршниот турнир на кошаркарскиот Куп на Македонија.