Три основни училишта имаат забрана за употреба на тоалетите


Три основни училишта добиле забрана за употреба на тоалетите, а едно за користење на фискултурната сала поради влага и непријатен мирис. Во салата влагата била санирана и салата била бојадисана, додека вентилацискиот систем тековно ќе се средува, за што се потребни 6 месеци и 250 илјади евра.

Ова е наодот од извршената контрола на инспекторите од Државниот санитарен и здравствен инспекторат во училиштата. Контролите се направени уште пред пет месеци, односно во текот на април и мај. Директорката на Инспекторатот, Ирина Сотирова-Бухова, за „Независен весник“ вели дека инспекторите донеле решенија за забрана за употреба на најнебезбедните тоалети, меѓутоа останале други во функција.

„Временската рамка на отстранувањето на неправилностите зависи од големината на инвестицијата што е потребна, затоа што училиштата се поврзани со буџет што зависи од општината или од Град Скопје, под чии ингеренции се. Временската рамка ја приспособуваме и во однос на потребите на институцијата и според реалните можности. Џабе е ние да напишеме 15 дена, ако е тоа врзано за тендери и неизводливо е да се обезбедат средствата. На пример, ако во училиштето има вкупно шест санитарни јазли, се реновираат прво три, потоа другите, тоа се прави заедно во договор со училиштата, да не останат без тоалети за употреба. Станува збор само за забрана за употреба на тоалети во три училишта во земјава, така што ова е добра состојба“, изјави Сотирова-Бухова.

Инспекторите од Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршеле вкупно 512 инспекциски надзори, а издале 191 решение за отстранување на недостатоци. Најголемиот дел од констатираните недостатоци се однесуваат на реновирање на санитарните јазли, поправка на покриви, санација на ѕидни површини заради појава на влага од стара водоводна инсталација, поправка на оштетени подови и варосување. Најмногу решенија, дури 114, за отстранување на недостатоците добиле основни училишта, а само едно решение било издадено за факултет.

Вероника Мароска-Леова