Трипнотик издаде ново ЕП насловено како „Survivor“


Македонскиот електронски музички проект Трипнотик, зад кој стои продуцентот и диџеј Емил Хаџи-Панзов, го објави своето ново ЕП насловено „Survivor“, а издадено од „Филтер Лабел“.

Изданието е следбеник на популарниот сингл „Trip Naughty“ кој доживеа и меѓународна клупска и радиска поддршка. Насловната песна и трите ремикси од него сè уште се емитуваат на стотици радио станици низ светот, вклучувајќи ги Би-Би-Си Радио 1, Би-Би-Си 1Екстра, Кис ФМ, НРЈ Амстердам, РТЕ Даблин и други.

Носечката песна од „Survivor“, насловена како „The Struggle“, веќе доби поддршка од неколку култни имиња од светската електронска сцена, кои песната ја пуштаат во своите радио емисии и диџеј сетови. Меѓу првите кои ја промовираат песната е Лорен Гарниер, нарекувајќи го „Survivor“, „неверојатно издание со зашеметувачки добра музика”.

На оваа нумера, Трипнотик соработува со њујоршкиот рапер Аварис, кој во минатото веќе има издавано за „Филтер Лабел“. Песната е своевидно враќање на продуцентот кон сопствените трип-хоп корени, но овој пат во комбинација со хип-хоп естетиката на американскиот источен брег.

„’The Struggle’ претставува критика на општествените девијации на нашето време, во кое неспособните ја форсираат (пот)просечноста, а знаењето и стручноста се сметаат за опасни. Во такви услови, алчните политичари се на тронот, а интелектуалците се потиснати во изолација. Новиот сингл на Tripnotic можеби не нуди решение за излез од оваа ситуација, но сигурно поттикнува на размислување за начините да се дојде до него“, велат од „Филтер Лабел“.

Основачот на „Р&С Рекордс“, Ренаат Ванделпаплјере за ова издание вели дека е супериорно и дека еден ден се надева дека Трипнотик ќе издаде и за него.

Покрај „The Struggle“, на изданието „Survivor“ се наоѓаат и инструментална верзија на песната наречена „Diablo“, како и амбиенталната тема „Bleed On“. „Survivor“ излезе на 19 октомври, а е достапно преку сите релевантни дигитални сервиси за симнување и стриминг на музика.