Тригодишен помен за Тамара, обвинение нема


Од Јавното обвинителство десет месеци чекаат Институтот за судска медицина да им испрати дополнителни документи за да може да се донесе одлука за случајот на Тамара Димовска од Велес, девојчето кое почина додека чекаше операција на ‘рбетот во странство.
Овде е заглавена истрагата на Обвинителството, која беше отворена во 2016 година, еден ден пред годишнината од смртта. Тамара почина на 9 февруари 2015 година. Оттогаш поминаа три години, обвинение нема.

– Надлежниот обвинител ги спроведе сите потребни дејствија. Испитани се повеќе лица во својство на сведоци и во својство на осомничени. По анализата на добиеното медицинско вештачење од Институтот за судска медицина, утврдена е потреба од дополнување на вештачењето и прибавување на севкупната медицинска документација за починатото дете од раѓањето до моментот кога настапила смртта – велат од Обвинителството.

Надлежен обвинител ја прибавил документацијата и истата е испратена на 3.4.2017 година на дополнување до Институтот за судска медицина.
– И по доставени четири ургенции од страна на надлежниот обвинител, нема повратен одговор. Овој документ заедно со другите докази има важна улога при донесувањето на јавнообвинителската одлука – одговорија од Јавното обвинителство за „Независен весник“.
Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина, вели дека станува збор за обемно вештачење кое бара време за да се извади правдата на виделина.

– Вештачењето е големо и комплетно. Секое прашање треба убаво и детално да се одговори. Оваа недела вештачењето ќе биде испратено до Јавното обвинителство – изјави Станков.

Според извори од истрагата, причина за смртта на Тамара останува бронхопневмонијата, како што покажа обдукцијата што уште тогаш ја направи Институтот за судска медицина. Целта на вештачењето е да се утврди дали има или нема вина кај лекарите од Комисијата за лекување во странство кои ги потпишувале документите. Обвинителството барало одговори и дообјаснувања на повеќе од 30 страници. Вештаците сакале да бидат темелни и прецизни, имајќи предвид дека од една страна е семејството на Тамара, а од друга страна повеќемина лекари.

Обвинителството досега не кажа колку и кои лица се осомничени, ниту дали меѓу нив е и поранешниот министер за здравство Никола Тодоров. Единствено соопшти дека повеќе лица се осомничени за сторено кривично дело несовесно работење, според член 353-в од Кривичниот законик. Медиумите тогаш објавија дека потписник на решението за одбивање на Тамара наводно е д-р Аспазија Софијанова, тогаш претседавач на второстепената Комисија за лекување во странство.

Во меѓувреме, се води судски спор против Љупчо Стојановски, дедо на Тамара, кој се товари за обид за убиство на Тодоров. Инцидентот се случи на 1 јуни минатата година пред Министерството за здравство, при што Стојановски испука два куршума кон Тодоров. Оттогаш Стојановски е во притвор.
Смртта на Тамара предизвика револт во јавноста и поттикна граѓански протести. Оставки дадоа тогашните директори на Фондот за здравство, Маја Парнаџиева-Змејкова и Џемали Мехази. Тодоров никогаш не понуди оставка, само изрази разочараност и жалење.

Сунчица Стојановска Зоксимовска