Тренер на Јунајтед објасни што се променило под водство на Солскјер


Еден од тренерите во штабот на Оле Гунар Солскјер го сподели своето видување за големата промена во расположението и претставувањето на играчите на Манчестер Јунајтед.

Уште во текот на летото, Киеран Мекена беше унапреден од тренер на тимот до 18 години до таков на клупата на првиот состав. По разделбата со Жозе Мурињо, тој го задржи своето место и заедно со Мајкл Карик сега е рамо до рамо со Солскјер. Екипата постигна пет победи од пет дуели и изгледа сосема поинаку.

– Не мислам дека е важно дали играчите имаат 17 или 18, дали се репрезентативци, големи ѕвезди или нешто друго. Сите тие го сакаат истото – со нив да се однесуваат со почит и да им се помага да се развиваат, изјави Мекена пред клупската телевизија на Јунајтед.

На овој начин тој индиректно го обвини Мурињо дека не покажал таков однос спрема фудбалерите.

– Ако ги обезбедите овие работи на играчите, тие ќе одговорат позитивно. Нивниот однос и желба се на највисоко ниво. Со нив се работи многу лесно и ова им помага на сите, додаде помошник-тренерот.