Трговски војни
Никола Поповски
На многуте различни војни што се водат во светот во кој живееме, годинава несомнено се придодаде уште една – глобална трговска војна. Можеби името „војна“ за ваков вид политики што ги водат земјите во светот е малку претенциозно, но последиците од неа можат да бидат еднакви на вистинска војна само без човечки жртви. Да појаснам. За време на војна се уништуваат економските добра и ресурсите за нивно производство, а населението го жртвува животниот стандард. Трговските војни можат да доведат до истото – да уништат многу економски ресурси, односно да затворат голем дел од постојното производство и да остават безработни луѓе и намален стандард.
Политиките што се закануваат со поширока светска трговска војна почнаа од тлото на САД со изборот за претседател на Доналд Трамп. Засегнатите држави, во основа Кина, оние од ЕУ и Канада и Мексико, реагираа одбранбено со контрамерки, што и не беше неочекувано. За да нема дилема зошто овие 40-ина засегнати, наспроти околу 200 постојни држави во светот, со своите трговски односи претендираат да придвижат глобална трговска војна, треба да се соопштат неколку важни економски показатели за глобалната економија. Еден од нив е дека овие држави со околу 2,4 милијарди жители (од вкупно околу осум милијарди на планетава) создаваат над три петини од светскиот БДП. Понатаму, тие учествуваат со околу 2/3 од вкупната светска трговија и со отприлика исто толку во вкупните странски директни инвестиции во светот. Всушност, ако на овие економии се додаде и јапонската, тие се светската економија во мало. Затоа трговската војна меѓу нив е многу важна и на неа треба да се гледа како на „глобална“.
Во неа полека но сигурно почнаа да се вовлекуваат сите дејности на материјалното производство во светот. Започна со дополнителните заштитни царини на челикот и алуминиумот во САД, па продолжи со контрамерки на Кина и САД кон американските земјоделски и прехранбени стоки, но и кон автомобилската гранка. Потоа царинските бариери се проширија дури и кон технолошко напредните производи како оние од ИКТ- секторот (САД кон Кина) со најави за нови дополнителни мерки од сите вовлечени страни во „војната“.
Во рамките на овие политики треба да се додадат и некои од постарите политики и мерки што на разни страни постојат во светот во вид на трговски санкции што се политички мотивирани. Такви се оние од типот на трговските санкции на САД и ЕУ кон Русија, санкциите кон Иран, Северна Кореја и слични што, во суштина, се уште поостри од сегашните новопромовирани мерки на висока царинска заштита.
Нормално дека ваквиот развој на настаните предизвикува голема нелагодност и доведува до политички несогласувања на највисоко ниво меѓу довчерашните најголеми сојузници, како што се, на пример, САД со Канада или со Германија. Можните последици се толку големи што предизвикуваат специјални посети на највисоко ниво како што е, на пример, најавата за посета на претседателот на Европската комисија на САД.
Колатерална штета на новонастанатата состојба е позицијата на Светската трговска организација (СТО). Оваа институција е еден од столбовите на светскиот економски либерален поредок и на процесот на глобализацијата. Со маргинализирањето на суштината на нејзините принципи, токму од страна на оние што беа идејни творци за нејзиното постоење, а тоа се земјите што имаат развиени економии, пред сè, САД и оние од ЕУ, се јавува можност за распаѓање на сегашните либерални трговски односи во светот. Тоа ќе им оди во корист токму на оние што не се подготвени на либерална, фер трговија заснована врз конкурентност и недискриминација. Такви држави, влади и идеи во светот, за жал, сè уште има многу.
Но да се вратиме на самите причини за новата светска трговска војна. Накратко, либералната трговија во светот се изгради под притисок на најразвиените економии што имаа компаративни и конкурентски предности пред другите економии и имаа интерес да тргуваат без бариери низ целиот свет. Тоа е приказна стара околу 200 години, но во денешната нејзина форма финишираше по Втората светска војна и особено по распаѓањето на социјализмот во светот. Но, дел од до вчера неразвиените и конкурентно поскромните економии во последниве две децении успешно се преструктурираа и со својата конкурентност почнаа глобално да ги загрозуваат развиените економии во неколку сериозни дејности меѓу кои и индустријата. Процесот отиде дотаму што тие ги загрозија и нивните домашни пазари, па реакцијата можеби беше и предвидлива. Ако не можеш да ги победиш со поголема продуктивност, обиди се да го направиш тоа со протекционистички мерки.
Протекционизмот со високи царини и попречувањето на слободната трговија секогаш се приказна со трагичен крај. Но на почетокот таа секогаш се развива навидум добро. Тоа го поскапува странското производство и го прави домашното поконкурентно. Со тоа на почетокот се создаваат и повеќе работни места и поголем БДП. Впрочем, тоа е сега случај со економијата на САД и тоа се очекувањата. Таквата заштита понатаму во втората фаза (временски таа може да е одредена од неколку па до десетина години) генерира поскапо домашно производство на товар на потрошувачите и производителите и завршува со намалена продуктивност, намалена конкурентност во странство и конечно, со намален стандард на населението во домашната економија. Таа стапица, повеќе или помалку, во економската историја досега никој не ја избегнал.
Затоа сегашната трговска војна и новиот протекционизам во светот се опасни. Уште почудно е што се воведува од влади со либерална десна ориентација, а на неа се спротивставуваат влади со лева ориентација. Нејзиниот крај сега не може да се види ниту да се предвиди, бидејќи таа е во почетна фаза и сè уште се движи по нагорна протекционистичка линија. Таа стигна дотаму што претседателот на САД мораше да бара од властите во Саудиска Арабија унилатерално, надвор од договореното во ОПЕК, да го зголемат дневното производство на нафта за да престане растот на нејзината цена во светот. Познато е дека САД се најголемиот светски производител на нафта, но едновремено и најголем потрошувач и увозник. Проблемот со удар врз платниот биланс сега ќе се обидат да го решат со притисокот и интервенционизмот врз С. Арабија. Но што е следното во услови кога цените не се одредуваат од продуктивноста и пазарниот механизам, туку од арбитрарната царинска заштита и владиното самоволие?
Ако оваа бесмислена „војна“ бргу не се реши, можно е економската слика за светот постепено да почне да се менува кон полошо. Според демонстрираната упорност и увереност во својата политика од страна на САД и нејзината администрација, се чини дека тоа сценарио е извесно. Во такви услови нема да е чудно ако кругот на земји во светот со интервенционистичка и протекционистичка заштита на домашните економии се проширува како нужно зло.