Тргна екоавтобусот од Автокоманда до Сарај


Полскиот екоавтобус на гас производство на „Соларис“ се вклучи во јавниот сообраќај. Во наредните 40 дена ќе вози на линијата „2“ од Автокоманда до Сарај и обратно. Станува збор за енергетски ефикасен автобус, наменет исклучиво за јавен превоз, со намалена потрошувачка на гас. Споредено со потрошувачката на старите дизел-автобуси, овој автобус троши двојно помалку, што дополнително ќе ги намали трошоците за гориво на ЈСП. Најголемата предност е тоа што емитува значително помалку СО2, што речиси воопшто  не го загадува воздухот. Претходно, Градот Скопје потпиша договори со Чериот Моторс за електричен автобус и со МАК АУТО СТАР за автобус на гас коишто ќе сообраќаат пробно низ улиците на Скопје.

„Ова се одлични можности коишто ќе не збогатат со нови искуства за градот, а што понатаму ќе можеме да ги користиме во планирањето на модернизацијата на јавниот градски превоз. Годинава предвидовме буџет за субвенции за набавка на екоавтобуси во висина од 100 милиони денари за ЈСП, како и за приватните превозници во висина од 20 милиони денари. Наша заложба е Скопје од град ориентиран кон автомобили да премине во град со одржлива урбана мобилност, што ќе биде од големо значење во унапредувањето на еколошките стандарди за почист воздух и почиста животна средина“, изјави денеска градоначалникот Петре Шилегов.