Трамп ќе го признае Ерусалим за главен град на Израел


Американскиот претседател Доналд Трамп ќе го признае Ерусалим како главен град на Израел денеска. Ова беше објавено вчера од страна на претставници на Белата куќа на брифинг за новинарите.

„Претседателот ќе објави дека американската влада го признава Ерусалим како главен град на Израел и го смета ова за признавање на реалноста“, изјавија од Белата куќа.

Официјални претставници на Вашингтон забележуваат дека американскиот лидер се заснова на „историска реалност“, додаваат од Белата куќа.

„Ерусалим е главен град на еврејскиот народ, еврејската вера на дамнешни времиња“, појаснуваат оттаму. Според претставникот на Белата куќа, шефот на државата разбира дека статусот на Ерусалим е многу деликатно прашање.

Статусот на Ерусалим е едно од клучните прашања во палестинско-израелскиот конфликт. Израел го освоил источниот дел на Ерусалим за време на војната во 1967 година. Тие тврдат дека Ерусалим е обединет и неделив главен град на Израел. Палестинците, пак, исто така сакаат да го прогласат источниот дел од градот за главен град на својата земја.