Трамп не исклучува праќање војска во Венецуела


Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за Си-Би-Ес изјави дека постои можност за испраќање на војска во Венецуела, како и дека го одбил барањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро за средба.

„Тоа, секако е опција“, истакна Трамп за испраќање на војска во Венецуела.

Тој во интервјуто наведе и дека САД ќе задржи воена база во Ирак за да може Вашингтон од близина да го набљудува Иран.

„Една од причините за задржување на база е поради тоа што сакам да го набљудувам Иран, бидејќи Иран е вистински проблем“, посочи Трамп.

Тој на прашањето дали тоа значи дека сака да го нападне Иран, Трамп одговори дека само сака „да има можност да го набљудува Иран“.

„САД потрошија цело богатство за база во Ирак, која е на совршена локација од каде може да се набљудуваат различни делови на немирниот Блиски Исток“, посочи американскиот претседател.

Трамп во интервјуто ја бранеше својата одлука за повлекување на трупите од Сирија, но одби да каже кога ќе се случи, истакнувајќи оти  „ако треба американските трупи ќе се вратат во Сирија“.

„Имаме многу брзи авиони,  одлични товарни авиони. Можеме многу брзо да се вратиме“, посочи Трамп.

Тој во интервјуто се осврна и на Авганистан, посочувајќи дека во земјата ќе остане мал контингент „во разузнавачки цели“.

„Таму сме веќе 19 години. Сакам да се борам, сакам да победам и нашите прекрасни трупи да се вратат дома… Време е. Ќе видиме што се случува со талибанците. Тие сакаат мир, уморни се, сите се уморни. Не сакам бесконечни војни“, наведе Трамп.