Трамп на тест на изборите среде мандатот


Роберт Несими

Како што прават редовно 250 години по ред, овој вторник по првиот понеделник во ноември, Американците повторно ќе излезат на избори. Тие ќе треба да изберат 438 претставници во нивниот Дом на претставници, 35 сенатори, 36 гувернери, како и илјадници државни легислатори, градоначалници, советници итн. Главното прашање секако е кој ќе добие мнозинство во Домот и Сенатот, што ќе значи тоа за наредните две години од мандатот на Доналд Трамп и какви ќе бидат изгледите за изборите во 2020 година.

Оваа година, овие таканаречени „избори среде мандатот“ се одржуваат во крајно поларизирана политичка атмосфера. Точно е дека американската политика постепено станала таква веќе неколку декади по ред, но ова кулминираше со изборот на Доналд Трамп за претседател пред две години, кога републиканците, исто така, успеаја да ги освојат и двата дома на Конгресот. Неговиот ексцентричен, хаотичен и полн со поделби стил на владеење, заедно со сомневањата за директно мешање на Русија во изборите во негова корист, се чини ја мобилизираа демократската база. Таа сега гледа шанса да го добие барем едниот дом на Конгресот, да се обиде да го контролира Трамп и евентуално да ја врати назад неговата агенда. Од друга страна, изборите се важни и внатре во Републиканската партија, бидејќи тие ќе бидат добар индикатор за тежината на Трамп во партијата, која не го сакаше пред две години. Така, иако Трамп не е на гласачкото ливче, неговата фигура надвиснува секаде над овие избори.

Како што сега стојат работите, демократите ќе треба да добијат дополнителни 23 мандати за мнозинство во Домот на претставниците. За да успеат, тие повторно сметаат на својата вообичаена база, крајно енергична откако Трамп стана претседател и очекуваат дека тие ќе излезат на избори во многу поголем број од републиканците. Главната поткрепа ќе им бидат вообичаените големи победи кај малцинствата и жените, но сега тие очекуваат да се пробијат и кај поранешни републикански бастиони изневерени од Трамп, пред сè, во заедниците на предградијата на високообразованите белци. Дополнителен факт во нивна корист е и фактот што партијата на претседателот речиси секогаш губи на избори среде мандатот. Според агрегаторот „Риал клиар политикс“ (Real Clear Politics) анкетите покажуваат водство за демократите од 7,5 поени, а фамозниот блог „538“ им дава 85 отсто шанси да го добијат Домот. Сепак, трките за Домот се индивидуални и на избори е можно нивното водство да стигне до 60 дополнителни мандати или пак сосема да изгубат. Но засега изгледа дека такво сценарио е речиси невозможно.

Сосема поинаква е сликата во Сенатот. Поради специфичноста на американскиот систем, на гласање се излегува за само 35 од 100 сенаторски места. Понатаму, повеќето од овие празни мандати досега беа на демократите, а одреден број се во држави кои пред две години ги доби Трамп. Во суштина, ова значи дека демократите оваа година се крајно хендикепирани, а нивните шанси да го добијат Сенатот се минимални. Блогот „538“ им дава само 15 отсто шанси, а најверојатното сценарио е победа на републиканците од 54-46. Така, речиси е сигурно дека Конгресот во наредните две години ќе биде поделен, што е предвесник на идни закочени политички институции.

Неочекуваната победа на Доналд Трамп во 2016 година секако треба да нè направи претпазливи кога ги читаме анкетите и предвидувањата на разни експерти. Сега очекувањата се дека републиканците ќе го задржат Сенатот, а демократите ќе го добијат Домот, но случувањата на американската политичка сцена во наредните две години ќе зависат од точниот исход на изборите во вторник.

Во случај демократите некако да успеат да ги добијат двата дома на Конгресот, главна тема наредните две години ќе биде импичментот на Трамп. И тоа нема да биде толку директно резултат на нивната победа, туку ќе поттикне сериозна рефлексија внатре во Републиканската партија. Ако ги изгубат двата дома, републиканците одеднаш ќе сфатат дека Трамп е политички токсична појава која ќе им нанесе огромни штети во иднина и можно е дел од нив да им се придружат на демократите, за да го отстранат од функцијата и да го заменат со потпретседателот Мајк Пенс, како посигурна алтернатива за 2020 година. Секако претседателите не можат да се заменат толку лесно, од прости политички причини, така што патот до негово отстранување сигурно би одел преку тековната специјална истрага на Роберт Мулер. Но имајќи предвид дека има сериозни индикации за прекршоци од страна на Трамп, ова останува сериозна опција ако демократите некако успеат да ги добијат двата дома.

Од друга страна, ако републиканците ги задржат двата дома, демократите ќе треба да се соочат со тешкото прашање каде водат нивните политики. Ако не можат да добијат на избори среде мандатот на крајно непопуларен претседател, демократите ќе докажат дека навистина немаат допир со обичниот човек, за што често ги обвинува Трамп. Пораз во вторник ќе значи дека резултатот од 2016 не бил некој привремен феномен и дека демократите ќе треба да се реформираат и да се приспособат на електоратот. Трамп и републиканците ќе продолжат да владеат без некоја посериозна пречка, а секакво обвинување за мешање однадвор ќе мора да стивне.

Но ниедно од овие сценарија во моментот не изгледа веројатно. Напротив, треба да очекуваме поделен Конгрес. Ниту една страна нема да има сериозен аргумент да се претстави како победничка и да тврди дека има мандат за владеење, а наместо да одлучат нешто, овие избори само ќе ги потцртаат линиите за битката во 2020 година. Конгресот ќе влезе во нова фаза на закоченост и блокирање, со ниту една важна легислација или реформа.

Во секој случај, Трамп ќе продолжи да биде центар на вниманието, а неговата позиција сигурно ќе стане потешка. Може да бидеме сигурни дека демократите ќе го зголемат притисокот врз него, сега со поголеми политички механизми при рака. Но степенот до кој ова може да му наштети ќе зависи целосно од резултатите во вторник.