Трамп до Меј: Остави ме мене, фокусирај се на исламскиот тероризам во Британија


Американскиот претседател Доналд Трамп денеска, преку социјалната мрежа Твитер, ја повика британската премиерка Тереза Меј да не се занимава со него, туку да се ангажира околу проблемот со радикален исламизам во Британија.

Реакцијата на Трамп следи откако Меј и други британски политичари го критикуваа Трамп затоа што на Твитер објави коментари од националистичка британска политичарка Џајда Франсен.

Пораките кои Трамп вчера ги преобјави од Франсен содржат видео снимки од исламисти како тепаат и фрлаат луѓе од зграда, муслиман како крши статуа на Богородица и наводен напад на муслимански мигрант врз момче од Холандија кое оди на патерици.

Френсен е член на малата партија Британија Прва, која честопати е критикувана од другите британски партии поради националистичките ставови на нејзиното раководство. Премиерката Меј вчера изјави дека потегот на Трамп, да преобјави пораки од Франсен, е грешка.

– Не се фокусирај на мене, Тереза Меј, фокусирај се на разурнувачкиот радикален исламски тероризам кој се случува во Британија. На нас тука ни е добро – возврати Трамп во твитер порака упатена директно до Меј.