Трамп го призна Ерусалим за престолнина на Израел


Време е Ерусалим да биде признат за главен град на Израел, изјави денеска американскиот претседател Доналд Трамп.

– Мојата денешна објава го одбележува почетокот на нов приод кон конфликтот меѓу Израел и Палестинците. Во 1995 година, Конгресот усвои акт со кој се побара федералните власти да ја преместат Амбасадата во Ерусалим и да го признаат тој град за престолнина на Израел. Овој акт беше усвоен со големо мнозинство – истакна Трамп.

– Сепак, во текот на сите тие години, претседателите кои ја претставуваа САД одбија официјално да го признаат Ерусалим за главен град на Израел, рече Трамп. Всушност, ние одбивме да признаеме кој и да е град за престолнина на Израел. Но денеска, конечно го признаваме очигледното, а тоа е дека Ерусалим е главен град на Израел. Тоа не е ништо помалку, ни ништо повеќе од признавање на реалноста. Исто така, тоа е исправна работа. Тоа е нешто што требаше да биде направено – потенцира Трамп.

Сепак, тој потенцираше дека САД се уште се залагаат за решавање на израелско-палестинскиот конфликт по принципот „две држави“.

– САД остануваат длабоко посветени на пружање помош за полесно постигнување мировен договор што е прифатлив за двете страни, истакна Трамп.

Трамп најави и дека во следните денови потпретседателот Мајк Пенс ќе отпатува на Блискиот Исток „за да ја потврди нашата посветеност да работиме со партнерите од Блискиот Исток за да го победиме радикализмот што ги загрозува надежите и соништата на идните генерации”.

Ова е првпат САД да имаат амбасада во Ерусалим.

– Јас, исто така, барам Стејт департментот да започне подготовка за преместување на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим – истакна американскиот претседател.

Трамп потпиша шестмесечна суспензија на американскиот закон од 1995 година, со кој мандатот на амбасадата ќе се пресели во Ерусалим.

Пред неколку дена беше соопштено дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе го објави американското признавање на Ерусалим за главен град на Израел, но тогаш службите во Белата куќа информираа амбасадата на САД нема веднаш да биде релоцирана.

САД имаат конзулат во Ерусалим, како и во Хонг Конг. Конзулатот во Ерусалим им служи на Ерусалим и териториите под контрола на Израел на Западниот Брег и Појасот Газа.

САД веќе им забранија на американските владини службеници какво било движење од лични причини во Стариот град на Ерусалим поради очекуваните протести на Палестинците. Забраната важи и за Западниот Брег. Дозволени се само службени движења од суштинско значење, придружени со дополнителни мерки за безбедност, прецизира Стејт департментот.

Статусот на Ерусалим е едно од спорните прашања меѓу Израел и Палестинците. Додека Израел инсистира дека Ерусалим е главниот град на еврејската држава и таму се сите државни институции, дипломатските претставништва функционираат во Тел Авив.

Американскиот Конгрес во 1995 година со големо мнозинство донесе одлука да ја премести Амбасадата од Тел Авив во Ерусалим, но му даде можност на претседателот да ја одложи таа одлука на секои шест месеци. Сите претседатели од тогаш ја искористија можноста да ја одложат одлуката.