Трамп го осуди хемискиот напад во Сирија, Русија тврди дека информациите се лажни


Американскиот претседател Доналд Трамп го осуди наводниот хемиски напад во Сирија и наведе дека сирискиот претседател Башар ал Асад ќе плати „висока цена“ за тоа.

Трамп додаде дека „во безумниот хемиски напад“ има многу загинати, вклучувајќи жени и деца.

Тој на Твитер го обвини и рускиот претседател Владимир Путин, како и Иран поради поддршката за, како што наведе, „животното Асад“.

Во исто време, руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека наводите за хемискиот напад во Сирија се лажни и оти секоја воена акција која би била преземена врз основа на така „измислени и исфабрикувани изговори“ би можела да доведе до тешки последици.

– Ширењето лажни приказни за употреба на хлорин и други отровни материи од страна на сириските владини сили продолжува. Вчера се појави уште една таква исфабрикувана информација за наводен хемиски напад во Дума, наведе руското МНР во соопштение.

– Ние неодамна повеќе пати предупредувавме на такви опасни провокации. Целта на таквите лажни шпекулации, отсуството на каква било основа претставува заштита на терористите… како и обид за правдање на евентуална надворешна употреба на сила, се додава во соопштението.

Европската унија претходно соопшти дека доказите покажуваат оти силите на сирискиот претседател Башар ал-Асад употребиле хемиско оружје во нападот на градот Дума, кој е под контрола на бунтовниците. ЕУ ја повика меѓународната заедница итно да реагира во однос на овој напад.

Во хемискиот напад кој вчера е извршен врз последниот бунтовнички бастион во , Дума, во близина на Дамаск, загинаа десетици лица.

Инаку, сириската влада негираше дека нејзините сили извршиле хемиски напад во градот Дума.