„Траекторија“ одложена за 18 декември, одбраната бара да се снимаат рочиштата


Судењето за предметот „Траекторија” на СЈО во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, поранешниот министер за траснпорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски, е одложено за 18 декември. Одбраната на обвинетите на денешното рочиште во Кривичниот суд побараа визулено и тонско снимање на судењето. Судот го прифати барањето и го презакажа судењето. Сите обвинети денеска дојдоа во судот. Според СЈО, обвинетите во „Траекторија“ во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги пречекориле своите овластувања. Со тоа тие нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155.117.172 евра, а на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.

„Имавме случај кога Владата на СДСМ при градење на хидроцентрала земала кредит од Кина и ја изградила. И сега истото го прават. Ние сме обвинети за нешто што го правеле и тие. Сè направивме согласно законите и Парламентот имаше увид за тоа, а за автопатот гласаше и СДСМ“, рече Груевски при излегувањето од судница.