Трагедија: Словачки политичар загуби цело семејство во урнатиот авион на „Етиопијан Ерлајнс“


Авионот на „Етиопијан Ерлајнс“ кој полета од Адис Абеба на пат до Најроби беше кобен за сите 157 патници и членови на екипажот. Леталото се урна по шест минути од полетувањето во етиопската престолнина и во него загинаа државјани на повеќе од 33 земји.

Агенцијата „Танјуг“ јави дека меѓу загинатите е и државјанин на Србија кој работел во Светската програма за храна при Обединетите нации. Австриските медиуми, пак, јавуваат дека меѓу настраданите се тројца доктори од болницата во Линц кои патувале службено во Занзибар.

Од Словачка е потврдено дека загинале сопругата, ќерката и синот на Антон Хрнко, потпретседател на словачката национална партија.

Градоначалникот на италијанскиот град Бергамо потврди дека во авионот биле и тројца членови на хуманитарната организација „Африка Тремил“. Меѓу осуммината загинати Италијанци е и регионалниот сицилијански претставник вработен во Министерството за култура.

Сомалиската радио-станица јави дека во авионот бил и претставник од протоколот на премиерот на Сомалија.

Авионот од типот „боинг 737-800 Макс“ бил на редовен лет од Адис Абеба до главниот град на Кенија, Најроби.