Томовски: Собранието на ФФМ е нерегуларно


Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ги усвои предложените измени и дополнувања на Статутот во функција на постапката за изборот за нејзин нов претседател по оставката на Илчо Ѓорѓиоски. За нив гласаа 88 од вкупно 96 делегати на вонредното Собрание на Куќата на фудбалот што денеска се одржа во Охрид. Со нив, меѓудругото, се остава простор дека идниот претседателски кандидат не мора да биде и делегат на Собранието, за раководната позиција да може да се кандидира и лице што во моментот не е активно вклучено во работата на ФФМ, но кандидат во иднина нема да може да биде лице што ја исполнува возрасната граница за пензионирање. Расправата на Собранието на ФФМ во Охрид траеше помалку од еден час. Немаше претставник на Агенција за млади и спорт (АМС) и во својство на претставник на УЕФА присуствуваше Денис Баштари кој вооопшто не е во структурите на УЕФА.

Меѓу првите кој се јави со реакција по вонредното Собрание на ФФМ во Охрид е Драган Томовски кој координираше со иницијативата „Обединети за фудбалот“. Настанот, според него, е нерегуларен од повеќе причини и истакна дека очекува реакција и интервенција од надлежни институции од надлежни институции и од Европската фудбалска асоцијација (УЕФА).

„Во Охрид се одржа нерегуларно собрание на ФФМ што повеќе од формална природа. Ова го велам поради делегати од неколку ОФС за кои е веќе утврдено дека не исполнуваат услови да бидат ОФС, а со самото тоа и да имаат свои претставници во работата во Собранието. Собранија на некои ОФС меѓу кои на ОФС Тетово и ОФС Битола се укинати со решение на второстепена комисија на Центален регистар. Доколку имале делегати, тие се нелегитимни. Покрај тоа постојат и одредени процедурални пропусти за усвојување на записник од претходното собрание со нерегуларни делегати. Најголема потвртда за нерегуларноста на ова Собрание е неприсуството на претставник на Извршниот комитет на УЕФА. Во последен момент е повикан член на Фудбалската федерација на Албанија кој не претставуваше никого“, изјави Томовски за „Независен весник“ кој за, според него нерегуларното Собрание, предупреди и за време на гостувањето во дебатата на ТВ „24 вести“.

Тој нотира дека неприсуство на претставник на Агенцијата за младиси и спорт на седница на Собрание на ФФМ досега се нема случено од осамостојувањето на Македонија.

„И самите организатори на ова Собрание се можеби свесни за формалноста на настанот во Охрид за што се очекува некој да побара одговоност за беспотребно направените трошоци. Аргумент со кој и самата ФФМ ја потврдува формалноста на Собранието и фактот што не е донесена одлука за датум за одржување на Изборно Собрание што според прописите мораше да се одржи до 19 јануари“, додава Томовски за „Независен весник“. (С.Ѓ.Д.)