Тозија: Македонскиот филм доживува европски пробив


Со успехот на „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска, што утревечер ќе ја има својата премиера во официјалната конкуренција на Берлинскиот филмски фестивал, како и со пласманот на „Медена земја“ на фестивалот во Санденс, мaкедонската кинематографија доживува пробив вон границите, а тоа ќе донесе уште многу други одлични можности за нашите филмски автори и поголема поддршка од европските филмски фондови, изјави директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија по денешниот состанок со раководителите на европската канцеларија на „МЕДИА Креативна Европа“.

На состанокот со Харалд Третенбрејн и Луциа Рикалдо, кои се челните луѓе на европската канцеларија на „МЕДИА Креативна Европа“ со македонскиот министер за култура Асаф Адеми и со Тозија беше разговарано за можностите и критериумите со кои нашите проекти би добиле поголема поддршка од програмите на овој европски фонд.

-Ние сме мала земја која има економски проблеми и за жал дава приоритет на други сегменти од развојот на општетството. За културата и филмот не можеме да одвојуваме многу средства, но затоа со поддршка на европските фондови можеме да постигнеме повеќе резултати. Горди сме на успехот што филмот го доживува оваа година, благодарение на нашите креативни автори и заложбите на Агенцијата за филм, рече Адеми.

Според Третенбрејн, ако се разгледаат бројот на апликациите Македонија има повеќе пријави во МЕДИА од некои други соседни земји и се надева дека во иднина ќе има повеќе поддршка, но треба да се следи фокусот на интерес на темите и, се разбира, квалитетот на проектите.

-Сите кинематографии што доаѓаат од малите земји мора да се фокусираат на тоа да обезбедат копродукции и на тој начин полесно ќе ја добијат поддршката од европските фондови. Потребно е да се обрне внимание и на темите што се во актуелен интерес во филмот, да се задржи автентичноста на кинематографијата и таа квалитетно продукциски да се спакува, рече Третенбреј.

Средбата се одржа пред утрешната премиера на филмот „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“, кој меѓудругото е поддржан од оваа европска програма.