Тодоров – Заедничка историја не значи – „един народ, две држави“
– Во македонските учебници нема да пишува историја по бугарски терк, во македонските учебници ќе пишува историја по македонски терк. Но каков ќе биде тој македонски терк зависи од идните автори на учебниците по историја. Она што е важно, новите учебници, доколку сакаме да ги надминуваме конфликтите, ќе треба да го следат и да се пишуваат во насока на градење на долготраен и одржлив мир, т.е кон педагогија на мирот и кон развивање на критичко мислење кај учениците, нешто што денеска во учебниците во Македонија, но и во регионот не го наоѓаме – вели тој.
– Во јавноста често од страна на политичарите и историчарите се користи терминот заедничка историја, притоа имам впечаток дека тоа се користи по потреба на политичкиот интерес на тој или таа кој го користи терминот заедничка историја. По правило кога академска дефиниција, кога за одреден концепт во историјата како што е заедничка историја се употребуваат академски дефиниции и националистички дефиниции доаѓа до краток спој. Заедничка историја не подразбира –„един народ, две држави“, заедничка историја Македонија и Бугарија имаат и тоа е историјата која припаѓа на историјата на османлиската империја. Исто така и Македонија и Србија имаат заедничка историја од 1912 до 1991 во рамките на Југославија. Но Македонија и Бугарија имаат и преплетена историја, еден друг концепт во историографијата кој се користи. Преплетена историја подразбира дека нациите, империите, цивилизациите, ако сакаме и комунизмот и капитализмот не се исклучиви и ексклузивни категории на историографијата, напротив тие настануваат со меѓусебна интеракција и денеска нема историја што не е преплетена историја – вели Тодоров за Радио Слободна Европа.