„Титаник“ повторно одложен, еден од адвокатите казнет со 1.000 евра


Судењето за предметот „Титаник 3“ на СЈО што требаше да почне денеска во Кривичниот суд, повторно е одложено, овој пат за 11 мај. Причина за одложувањето е неприсуството на адвокатот Миланко Еленов. Тој заработи казна од 1.000 евра, бидејќи не се појави на судењето. Тој доставил оправдување до судот дека нема да дојде на рочиште, заради ангажман во врска со случајот за убиството во Мала Речица.

Специјалното обвинителство изрази сомнеж за оправданоста на причините за денешното одлагање. Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека добила информација дека во тетовското обвинителство каде што се води истрагата за тој предмет денеска не се преземаат никакви истражни дејства.

Во случајот Титаник 3 кој се однесува на уништување на изборен материјал обвинет е пратеникот Ејуп Алими и функционерот од ДУИ Исмет Гури. Претходно судењето се одложи поради отсуство на Алими.

Судењето за овој предмет беше одложено и на 27 април поради неприсуство на првообвинетиот Ејуп Аљими, кој, како што информира тогаш неговиот адвокат, како координатор на пратеничката група на ДУИ бил на службено патување во Албанија.