„Титаник“ одложен за 2 мај, се уште нема одлука за изземањето на судиите


Денешното рочиште за предметот на СЈО „Титаник“ е одложено бидејќи до Судот се уште нема пристигнато одговор на барањето на адвокатот Еленко Миланов за изземање на судечкиот совет, на претседателот на Кривичен суд и на судии од Апелацискиот суд во Скопје.

Судијата Осман Шабани ново рочиште закажа за 2 мај.

Адвокатот Миланов на минатото рочиште побара изземање на судиите Осман Шабани и Огнен Ставрев од овој предмет, бидејќи, како што кажа, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева изјавила за една телевизија дека дел од судиите биле прислушувани или ги имало во „бомбите“. Тој побара да се провери дали судиите Ставрев и Шабани биле прислушувани за што, како што рече, досега не добил одговор од СЈО.

На денешното рочиште не присуствуваше Гордана Јанкулоска, поради „ризична бременост“. Адвокатката на Јанкулоска, Сања Алексиќ кажа дека боледувањето и трае до денеска и дека утре е на контрола на лекар по што ќе се знае дали ќе биде продолжено боледувањето.

Од куќен притвор денеска во Кривичниот суд не беа спрведени Едмонд Темелко и Мунир Пепиќ.

Во „Титаник“,  што е прв случај обелоденет од СЈО, покрај поранешниот премиер Никола Груевски, обвинети се и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.