Тимоние за СЈО: Можеби треба да се затвори тоа досие


„Можеби ќе треба да се затвори тоа досие, вели францускиот амбасадор Кристијан Тимоние во интервју за ТВ21, зборувајќи за Специјалното јавно обвинителство.

-Не треба да заборавиме како беше основана таа институција. Беше основана поради една неопходност, но сега е време да се прејде во друга етапа – вели Тимоние во интервјуто.
Тој потсетува дека СЈО било неопходно за да се смири кризата и да се предизвика „политичка транзиција“ во момент кога „ние во Франција гледавме и мислевме дека државата ќе се распадне“.

– Таа институција е воспоставена во една посебна правна рамка. Се уште не е објавено мислењето на Уставниот суд дали СЈО е дел од правниот систем или не – потсетува францускиот амбасадор, истовремено оддавајќи признание за досегашната работа на СЈО.

Покрај Уставниот суд, Тимоние како опасност за СЈО го додава и судот во Стразбур, велејќи: „врз база на прибавените докази, кои што беа прибавени под специфични услови, нели, не знаеме каква би била судската практика еден ден на Судот за човекови права“. Тој нагласува дека не сака да ја критикува институцијата, но таа не треба да се меша со постоечките институции, порачувајќи дека „ не треба да живееме во минатото, туку да живееме во иднината“. Тимоние смета дека СЈО, „адаптирано“ треба да стане дел од редовна институција која што е „повеќе свртена кон иднината, а помалку кон минатото“.

Спротивно на него, Џес Бејли, веќе поранешниот американски амбасадор во земјава, во прошталното интервју во емисијата „360 степени“ нагласи дека мора да има завршница на случаите на СЈО, мора да се задржат институционалните капацитети на тоа обвинителство, и измените во законот не смеат да бидат употребени за „одредени луѓе да се протнат низ пукнатините“.