Тетовското ѓубре ќе заврши во Скопје


Два милиони евра ќе заработи компанијата „Дрисла“ ДОО чистејќи дива депонија во околината на Тетово. Фирмата „Дрисла“ ДОО, која е основана со удел од 20 отсто од Град Скопје и 80 отсто од италијанската „ФЦЛ Амбиенте“, која стопанисува со скопската депонија „Дрисла“, потпишала договор за расчистување на локалитетот Фалиша. Договорот во вторникот го потпишале градоначалничката Теута Арифи и директорот на „Дрисла“, Горан Ангелов.

Задачата на „Дрисла“ ќе биде да направи геодетско обележување на објектот, да направи широк ископ на земја заедно со утовар, да се израмни теренот со грејдер, да изработи заштитна ограда со дрвени греди и бодликава жица и  – да  депонира 184 илјади кубни метри отпад во депонијата во Скопје! Само за депонирање и транспорт на отпадот „Дрисла“ ќе добие 1.5 милиони евра.

Директорот на „Дрисла“ ДОО вели дека овој договор воопшто не ѝ штети на компанијата. Според него на локалитетот што треба да се исчисти најверојатно ќе се прави пречистителна станица за отпадни води и затоа просторот требало да биде чист. Иако Ангелов вели дека станува збор претежно за градежен отпад, во договорот што го потпишале станува збор за чистење и депонирање на комунален отпад.

За да добиеме одговор на прашањата каков отпад ќе се транспортира од селото Фалиша во Скопје и што точно ќе се гради на локацијата која ќе се расчистува, телефонски ја побаравме градоначалничката Арифи, но таа не одговараше на нашите телефонски повици. Испративме и СМС-пораки, но ниту на тие не добивме одговор. Пред изборите Арифи пред граѓаните ветувала дека на оваа локација ќе се изгради рециклажен двор.

ИМА ЛИ „ДРИСЛА“ КАПАЦИТЕТ ЗА ОТПАД ОД ДРУГИ ГРАДОВИ

Според европски стандарди, депонијата „Дрисла“ е најголемата и најпрометна депонија на Балканот. Опслужува повеќе од 600.000 семејства. Во скопската депонија се депонира отпадот од главниот град и од околината. Но, од пред неколку години во „Дрисла“ почнал да се носи и отпадот од Тетово. Во јуни минатата година, „Дрисла“ ДОО потпишала договор со Јавното комунално претпријатие Тетово за депонирање отпад од претоварната станица во Тетово до депонијата во Скопје за  536 илјади евра.

„Отпадот што ќе се донесе во Скопје е претежно градежен отпад, а Тетово одамна го носи отпадот во скопската депонија“, изјави Ангелов.

Блаже Јосифовски од движењето „Ајде Македонија“ вели дека депонијата „Дрисла“ има капацитет да собере толку отпад, но главниот проблем е во тоа што со носењето отпад од другите градови се зголемува негативното еколошко влијание врз Скопје.

„Ситуацијата е многу лоша и набргу мора да се преземе нешто. Најдобро би било Градот Скопје да ја врати ‘Дрисла’ под своја управа и да направи нова стратегија за управување со отпадот, во спротивно ништо нема да се постигне“, вели Јосифовски.

ШИЛЕГОВ: НОВИОТ КОНЦЕСИОНЕР ЌЕ СЕ ИЗБЕРЕ ДО 15 МАРТ

На италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“, која заедно со Градот е сосопственик  во компанијата „Дрисла“ ДОО, ѝ виси на конец концесијата за скопската депонија. По седум години судења и алиби и ниту денар инвестиција во „Дрисла“, Градот по налог на Управниот суд треба повторно да избере која компанија ќе биде концесионер на скопската депонија. Тендерот нема да се повторува, туку Градот ќе треба да избере од компаниите кои учествувале на тендерот во 2012 година.

На првиот повик за концесија на „Дрисла“ во 2012 година се пријавија три компании – германската „Шолц“, италијанската „ФЦЛ Амбиенте“ и австриската „АСА Интернешнал“.

За изборот на новиот концесионер  треба да одлучи петчлена комисија составена од лица вработени во Град Скопје и Министерството за животна средина. Градоначалникот Петре Шилегов вели дека комисијата нема законски рок до кога треба да го избере новиот концесионер.

„Комисијата сè уште одлучува. Моја проценка е дека до средината на март би требало да се донесе одлука“, вели Шилегов.

„ФЦЛ Амбиенте“ во првите пет години требаше да инвестира 73 милиони евра.  Досега од најавените инвестиции нема ништо, нема ниту едно евро. Од компанијата велат дека досега не инвестирале во депонијата затоа што имале несигурна околина за инвестиции, односно цело време биле на суд поради тужбите и жалбите кои ги поднесувала германската компанија.

Според ветувањата на сопствениците и на поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, модерната европска депонија требаше да направи нова постројка за согорување на медицински отпад, која ќе го замени инсенераторот кој во 1998 година ѝ беше дониран на „Дрисла“. Требаше да се направи автоматизирана пералница за камионите, нова механизација за работа и голема административна зграда.

Дел од најавената идеја за модернизација на „Дрисла“ беше да се затвори половина од 35 хектари од депонијата со еден вид пластеници и така да се создадат услови органскиот отпад да испушта гас-метан кој подоцна ќе согорува и од топлинската енергија ќе се произведува електрична енергија.

Без оглед што нема инвестиции во „Дрисла“ и што нема услови за производство на струја, компанијата „ФЦЛ Амбиенте“, заедно со уште една компанија, „Г. Енит ЛТД“ регистрирана во Лондон, на 10 декември минатата година во земјава регистрираа нова компанија – „МК Енерџи груп ДОО“. Како приоритетна дејност е наведено производство на електрична енергија, а управители се: Доменико Ферацоли, сопственик на „ФЦЛ Амбиенте“ и Алесандро Д`Амато – директор на „Г.Енит ЛТД“. Компанијата регистрирана во Лондон е формирана во јули 2015 година, а сопственикот Д`Амато се појавува како директор на уште девет активни компании. Од Регулаторната комисија за енергетика ни одговорија дека компанијата „МК Енерџи груп ДОО“ сè уште нема побарано никаква лиценца за производство на електрична енергија.

КОЈА Е КОМПАНИЈАТА ШТО 7 ГОДИНИ НЕ ИНВЕСТИРАШЕ НИТУ ЕВРО ВО „ДРИСЛА“

Според документите од италијанскиот регистар на трговски друштва, „ФЦЛ Амбиенте“ е формирана на 14 февруари 2012 година или само три дена пред тие и нивниот конзорциумски партнер – големата италијанска фирма „Униеко“ да ја дадат својата понуда за „Дрисла“.

„ФЦЛ Амбиенте“ е во сопственост на мрежа на компании на фирмата „Ферацоли С.П.А.“, која според трговскиот регистар е мала компанија и работи како „финансиски посредник“, а во 2012 година имала обрт од 310.744 евра и профит од 7.715 евра.

Без искуството на „Униеко“ во екологијата и градежништвото, како и профитите и обртите поголеми од 500 милиони евра, „ФЦЛ Амбиенте“ не би можела да го обезбеди договорот за скопската депонија.

Па, сепак, се чини дека Униеко, освен со учеството на тендерот, нема понатамошна улога во проектот за „Дрисла“. Компанијата дури и не се појавува како сопственик заедно со „ФЦЛ Амбиенте“ во новата фирма за јавно-приватно партнерство, која е наменски формирана за да ја води депонијата.

Александра Денковска