Терористи излегуваат на слобода, нема програма за ресоцијализација


Оџата Реџеп Мемиши, кој бил учител и на седумтемина македонски државјани кои минатата недела беа вратени во Македонија, во 2016 година беше осуден на седум години затворска казна. За пет години оџата од Тутунсуз џамијата од скопски Чаир ќе излезе од затвор и никој не може да гарантира дека нема да регрутира нови борци за да заминат на воените жаришта во Сирија и Ирак.
Уште повеќе, дел од осудените кои добија казни затвор од најмалку две години веќе се при крај со издржувањето на казната или се излезени на слобода. Во јавноста остана запаметен скопјанецот Стефан Стефановски кој со примањето на исламот стана Суфијан. Пред две години во судот рече дека не се чувствува виновен бидејќи и на медицинскиот факултет ги учеле да им помагаат на оние на кои им е потребна помош без разлика на верата. Сепак потоа се премисли и призна вина, по што доби две години затвор. Откако ја издржа двегодишната затворска казна, Стефановски е на слобода.
Иако дел од осудениците веќе ја издржаа казната, во затворите низ Македонија сè уште нема специфични програми за ресоцијализација на повратниците од војните кои таму хипотетички убивале луѓе, учествувале во терористички напади со кои не можат да се справат ниту најголемите воени сили во светот и се соочени со новиот предизвик, тероризмот.
Директорот на Управата за спречување на санкции, Јовица Стојановиќ, очекува во најскоро време да се изготви програма за овие луѓе.
„Немаме специфични програми за ресоцијализација, меѓутоа имаме формирано работни групи со поддршка на Советот на Европа со експерти. Се работи на изнаоѓање најадекватно решение и програми за дерадикализација на тие лица. Се надевам дека во најскоро време ќе изготвиме стратегија според која ќе постапуваме. Тероризмот е сепак нов феномен во нашите затвори“, вели Стојановиќ.
Во македонските затвори има 23 осуденици за учество во странска војска. Една група од осудените подготвувале лица кои ќе одат да учествуваат во борбите, друга група обезбедувале парични средства и друга поддршка во материјална смисла, за лицата да бидат подготвени за пат пред и за време на нивното учество во странска војска, а третата група учествувала во борбите на страната на Исламската држава во Сирија.
Првите десетина лица кои беа осудени за учество во странска војска, откако ова дело беше воведено со измените на Кривичниот законик, ја признаа вината пред судот и добија минимални затворски казни.
Социологот Ѓорѓи Тоновски вели дека за овие луѓе не се предвидени посебни видови ресоцијализација и дека тие се третираат исто како и другите осуденици, со засилен надзор потоа, додека да се оцени дали тие идеолошки и практично расчистиле со радикализмот.
„Нив нема потреба да ги издвојуваат со ништо кога е во прашање ресоцијализацијата. Тие едноставно си ја одлежале казната, си ја добиле санкцијата од општеството за тоа што го направиле. Заклучокот е дека тие за време на издржувањето на казната ја увиделе својата грешка, поминале низ казнено-поправниот дом и излегуваат од таму како исчистени од гревот согласно со стандардите кои ги пропишало општеството кои ги смета за доволни за да се надминат последиците од нивното дело. Дали успеале или не, тоа е веќе проблем на казнено-поправната установа“, вели Тоновски.
Според него, овие луѓе се иста закана како и другите криминалци, за кои никој не може да гарантира дека, по одлежувањето казна затвор, на пример ограбувачите на банки, нема да продолжат да крадат.
„По казната затвор овие луѓе влегуваат во систем на набљудување. За определен број затвореници се задолжени агенти кои ги следат каде се, што прават, тие се грижат да им обезбедат работно место или да им помогнат во секојдневјето. Таа ресоцијализација понатаму е поврзана и со реакцијата на јавноста, на луѓето“, објаснува социологот Тоновски.
Тој порачува во јавноста да не се прави фама околу овие луѓе, бидејќи сите тие заминале таму поради некоја причина, за пари, дрога, идеали. Според информации од безбедносните служби, повеќето од македонските граѓани заминале во Сирија и Ирак да се борат на страната на џихадистите поради некакви идеали.
Сепак, според нивната проценка, ситуацијата во нашата држава е мирна и нема терористички закани. Можностите од такво загрозување постојат како и секаде, но во земјава во моментов нема никакви индикатори за таква закана, смируваат безбедносните служби во земјава. Искуствата од другите европски земји сепак не се толку смирувачки.
Македонија е прва во Европа каде што се префрлени терористи од Сирија, иако во Сирија имало заробени џихадисти и од Германија и од Франција. Извори од безбедносните служби тврдат дека тоа е најбезбедниот чекор за земјата бидејќи станува збор за контролиран процес.
Службите во Македонија процениле дека земјата има капацитет и може да се справи со овој товар бидејќи не станува збор за голем број џихадисти, како што е случајот со некои други европски земји кои одбиваат да прифатат репатријација поради фактот што бројот на нивни државјани кои се бореле на жариштата во Сирија и Ирак и сега се заробени е троцифрен.
Фросина Факова – Серафиновиќ