„Тенк“ на СЈО: Адвокатите на одбраната повторно побараа изземање на судијката Кацарска


Барање за изземање на судијката Добрила Кацарска побараа адвокатите од одбраната на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на почетокот на денешното рочиште во раздвоената постапка во случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство за набавката на „мерцедесот“ вреден 600 илјади евра.

Судијката Кацарска даде пауза од половина час за претседателот на судот, Иван Џолев, да се произнесе за барањето на адвокатите.

Адвокатите Сања Алексиќ и Боро Тасевски објаснија дека барањето за изземање се однесува на мислење добиено на 27 август од седум члена на Комисијата за заштита од дискриминација со кое таа го задолжува судот да ја отстрани веќе утврдената дискриминација во постапката.

За денешното рочиште предвидено е да бидат сослушани шест сведоци предложени од обвинителството. Судијката Кацарска на почетокот на судењето за овој случај закажа 23 рочишта за помалку од 40 работни дена.

На претходното рочиште беа сослушани вкупно седум сведоци предложени од Обвинителството, кои на некој начин биле вклучени во јавната набавка на блиндираното возило „мерцедес гард“ во вредност од 600 илјади евра во 2012 година.