Телефонски разговор на Заев со Гутереш: поддршка за разговорите за името


Претседателот на Владата на Македонија Зоран Заев попладнево имал телефонски разговор со генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, соопштија од владиниот прес-центар.
Гутереш ги поздравил реформите што ги прави македонската владата, вклучително и, како што е наведено, позитивниот пристап на нашата држава во односите со соседите.
Позитивно бил оценет и Договорот со Бугарија, во кој, како што е наведено, се гледа и придонес за односите меѓу соседите во регионот, освен како подобрување на билатералните односи помеѓу двете држави.
„Генералниот секретар на ОН ги поддржа разговорите што се водат со Грција под покровителство на медијаторот Метју Нимиц. Тој оцени дека постои позитивна динамика и можност да се дојде до взаемно прифатливо решение. Гутереш најави дека ќе разговара и со грчкиот премиер Ципрас и рече дека ги охрабрува двајцата премиери и владите на двете држави да продолжат да работат во насока на решавање на долгогодишниот спор“, се наведува во владиното соопштение.
Заев се заблагодарил за ангажманот на медијаторот Нимиц, кој долго работи на изнаоѓање взаемно прифатливо решение.
„Заев оцени дека Договорот со Бугарија ги подобри билатералните односи и придонесе кон зголемување и на трговската размена меѓу двете држави, но даде и охрабрување да се влезе во надминувањето на проблемот што го има Грција со уставното име на Македонија. Во телефонскиот разговор Заев изрази надеж дека ќе се најде взаемно прифатливо решение и дека тоа ќе биде добро и за двете држави, но и за целиот регион“, се наведува во соопштението.