Тевдовски: Осигурителниот сектор ќе се хармонозира со ЕУ


Сигурност и стабилност на осигурителниот сектор како во земјите членки на ЕУ, ќе добие Македонија со новиот закон базиран на директивата Солвентност 2, рече денеска министерот за финансии Драган Тевдовски.

На завршниот настан од проектот кој овозможи Македонија да го изготви законот со помош на шпански експерти, Тевдовски напомена дека Македонија како земја кандидат за членство континуирано во националното законодавство ги имплементира стандардите и критериумите на ЕУ.

– Со новиот закон за осигурување ќе се зајакне и заштитата на осигурениците, ќе се обезбеди транспаретност во работењето на осигурителните друштва и ќе се постигне поголема подготвеност на осигурителната индустрија за соочување со конкурентските притисоци од внатрешниот пазар на ЕУ, истакна Тевдовски.

Според Јаромир Левичек од Делегацијата на ЕУ во Скопје, стабилноста, праведната конкуренција и цврстината на институциите се приоритет за осигурителниот пазар во ЕУ.

Левичек потсети дека ЕУ во извештајот за минатата година оцени дека Македонија е делумно подготвена за давање на осигурителните услуги.

Пазарот на осигурување во земјава сега е регулиран со Законот за супервизија на осигурувањето во кој се имплементирани капиталните барања на Солвентност 1.

Проектот „Понатамашно хармонизација со ЕУ во областа на осигурување и зголемување на пазарни операции“ се спроведуваше 21 месец со 700 илјади евра поддршка од ИПА програмата