Тевдовски: Еврообврзницата со најниска каматна стапка


Средствата од еврообврзницата издадена вчера ќе се користат за покривање на буџетскиот дефицит, за поголеми плати во образованието и здравството, за интензивирање на капиталните инвестиции, а ќе се враќаат и старите долгови, рече денеска на прес-конференција министерот за финансии Драган Тевдовски.

Еврообврзницата е 500 милиони евра, со рок на достасување од седум години, а каматната стапка, како што нагласи Тевдовски, е историски најниска досега и изнесува 2,75 отсто.

Одговарајќи на новинарски прашања, Тевдовски нагласи дека Владата постапи како што вети – издаде еврообврзница кога се создадоа услови за најниска каматна стапка.

Одлуката беше транспарентна и објавена во „Службен весник“, рече министерот.

Вкупно 1,545 милијарди евра е долгот на државата заклучно со петтата еврообврзница издадена во 2016 година, а со последната, од вчера, достигна 2,045 милијарди, без камати.

Во 2005 година беше издадена првата еврообврзница вредна 170 милиони евра со каматна стапка од 4,62 отсто, во 2009-та беше втората вредна 175 милиони евра со камата 9,87 проценти, во 2014 година третата во вредност од 500 милиони евра со камата 3,97 отсто, во 2015-та четвртата од 270 милиони евра и камата 4,87 проценти, а во 2016 година еврообврзницата беше 450 милиони евра, а каматната стапка 5,62 отсто.