Тевдовски: Годинава инвестирани три милиони евра за капитални проекти преку МСИП


Одлична реализација од преку 3 милиони евра инвестиции само од почетокот на годинава преку Проектот за подобрување на општински услуги – МСИП, кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка и Европската унија.
Ова денеска го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски при посетата на новото училиште во село Гургурница, Брвеница, изградено токму преку МСИП. Инаку МСИП, поддржува капитални проекти кои ги подобруваат условите за живот во општините.
– Морам да кажам дека на почетокот на годинава имаме одлична реализација на Проектот за подобрување на општински услуги. Преку 3 милиони евра се вложени во изградба на локални патишта, водоснабдување, зелен пазар, гимназија, општинска зграда, во 27 општини. Преку Проектот за подобрување на општински услуги сакаме во сите општини во земјава да обезбедиме подобри услови за живот за сите граѓани – рече Тевдовски.
Вкупниот фонд на МСИП е 81,1 милиони евра. Преку Проектот за подобрување на општински услуги досега се поддржани над 250 капитални проекти во сите општини во земјава. Станува збор за капитални проекти кои придонесуваат за подобрување на условите за живот како локални улици, водоводи, канализации, градинки, училишта.