Тања Кокев со новогодишна колекција: Бидете кралица на празничните забави!


Креаторката Тања Кокев пред новогодишните празници дизајнираше нова свечена колекција, дел од креациите промовирани на отворањето на новиот салон во центарот на Скопје, а дел на својата фејсбук-страница.

Во новата, свечена колекција преовладуваат луксузни материјали, со рачно везени бисери и цветни детали. Силуетите, како и секогаш, се женствени.

Кокев веќе 12 години е препознатлива по свечените тоалети и венчаници. Прва е меѓу македонските креатори што лансираше парфем со дизајнерски потпис, со актерката Јелена Јованова како заштитно лице. Промовираше ремени и чевли, со потпис на брендот, како и чанти и џемпери, луксузна секојдневна облека и машка облека. Со свои креации, присутна е и на црвениот килим ширум Европа.

Манекенката Миа Симоновска понесена од новогодишната магија, збогатена со златни конфети, шампањ, лампиони и прскалки, ја раскажа новогодишната приказна на Кокев која има совети како да изгледате како кралица на празничните забави.

– Празничниот дух на новогодишната ноќ секогаш ја буди нашата похрабра страна во однос на текстурите и боите во кои се колебаме сите останати денови од годината. Сепак, новогодишната магија не треба да ни влијае премногу, па да го заборавиме нашиот сопствен стил. Празникот е на прагот, па мојот избор на предлози е : Доколку ваш атрибут се нозете, облечете нешто кратко, како црниот фустан со карнери кој е изработен од тул со точки, со длабоко деколте и везени цветни детали . А, ако сте похрабри, облечете го тесниот фустан со бисери кој целосно ја покажува силуетата. За елегантните девојки кои претпочитаат поедноставен крој го предлагам фустанот од златеста плетенина на преклоп . На практичните девојки што обожаваат панталони би им одговарал комплетот од широки панталони и блузата со голем, рачно изработен цветен детаљ . Ако сакате да имате целосен Кокев изглед, тогаш го предлагам оверсајз капутот кој е достапен во пепито дезен и кадифен материјал во тегет боја , советува Кокев.

Лејла Сабит   Фото: Ани и Дими